Пред некои една-две децении, Балканот измисли нов развоен економски модел што се нарекува „директни странски инвестиции“. Бидејќи сум само просечно упатен во теориите за економскиот развој – значи, приличен дунстер – никогаш не успеав до крај да сфатам во што се состои големата атрактивност за земјата-домаќин на тој колонијален странски инвестициски пристап?
Значи, некакви странски инвеститори ќе дојдат од некаде за да инвестираат во некаков бизнис во твојата мала, запустена балканска економија, но само откако во земјата ќе добијат комплетно бесплатна инфраструктурна поддршка и бесплатно земјиште („индустриски зони“) за своите фабрички згради, ќе добијат синдикално неорганизирана работна сила со загарантирана мизерна минимална плата од неколку стотици евра месечно (и автобуски превоз до работа, со варени јајца за појадок), на тоа ќе бидат ослободени од плаќање на здравствени и пензиски придонеси, па ќе им се понудат даночни олеснувања какви што нема ни за вложувања на Арктикот или Антарктикот, а за да биде (се извинувам) видете-ме-ебете-ме пристапот до крај ефикасен, ќе се „натоварат“ со државни субвенции кои се дел од тајните клаузули во инвестициските договори меѓу нив и државата, за случајно да не се дознае колкави се вкупните пари (поткупот) што од сите наши џебови („државен буџет“) им се донираат на странскиве крупни профитери за по строго „пазарни“ критериуми да инвестираат кај нас.
Неопходен услов за успех на странските вложувања е на секоја средба надлежните домашни министри, како и самиот премиер доколку присуствува на такви состаноци, е да си понесат и вазелин, за странците да не посакаат да ја продлабочат својата аргументација за барањата за уште поголемо подобрување на условите за инвестирање токму во нашата вукојебина.
Се разбира, поводот за овие цинични редови е дрскоста со која германските инвеститори во Македонија пред некој ден си дозволија јавно да се занимаваат со оценки на економската политика на Владата. Значи, не само што сме се „послале“ пред германскиве убер-капиталисти кои, да побараат слични услови за работење од германската влада, веројатно ќе бидат веднаш уапсени и протерани на доживотна работа во Сибир, откако на испраќање германските работнички синдикати ќе им опнат по десетина стапа по негуваните газови, туку ако може и реконструкција на нашиот владин кабинет и нејзините политики да направат според тоа како ТИЕ ги планирале СОПСТВЕНИТЕ профити за тековната година.
Оти, замислете, власта ја дигнала минималната плата на работниците за 10-20 евра на месец, без странциве да биле прашани (!?), што се смета за непредвидливост на условите за работа во земјава! Ауууу, срамота…
Следствено, оценка за економската политика на владата: нула!
И видете ја таа фотографија од паничната реакција на Владата, чиј „економски тим“ веќе следниот ден се измоли за средба со „германските инвеститори“: на едната страна од дваесет-метарската маса за состаноци во Владата седнал Кочо Анѓушев со 5-6 министри и други соработници од негова лева и десна страна, а карши него, преку неизбежната икебана на средина на масата, седи некаков „Ханс“ (името во медиумите не му е објавено, бидејќи метафората е многу посилна кога е тој анонимен), сам-самцат, небаре е Бизмарк лично и персонално, како професор на испит, кој ги тресе нашиве бруцоши-министри со специјални барања и критики, како да сме во некогашен германски Тоголенд, во Западна Африка, на почетокот од минатиот век…
На масата само уште вазелинот не се гледа, иако мора да е таму негде, меѓу курдисаните министерски тефтери.
Немам ништо против странските инвеститори, не се тие виновни што сакаат, со наша согласност и сесрдна помош, маста да ни ја извадат преку инвестиција од која на секои вложени 100 евра, заработуваат уште 100. Така е тоа секаде во оваа ужасно неправедна, глобализирана економија.
Туку, си велам, замислете на местото на „Ханс“ да седеше, сам, некој наш стопанственик – од домашната индустриска зона во Визбегово, на пример – и онака да ги „рибаше“ владините министри… Е, веројатно тогаш ќе станеме земја во која странците ќе внимаваат дали да се впуштат во дрска расправа со власта за висината на (нај)минималните работнички плати.
Инаку – раус, на скопскиот аеродром, со карта во еден правец! Па инвестирајте во Конго-Киншаса, ако таму повеќе ви одговараат минималните плати. (Што, најверојатно, така и ќе заврши…)
Извор: Цивил медиа