Премиерот Заев побара да биде вреднуван напредокот на Република Северна Македонија и нашата држава во јуни да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија.
Заев и министри од Владата задолжени за реализација на клучните реформски приоритети денеска се обратија на средбата со Работната група на Советот на ЕУ за Западен Балкан.
– Работиме ангажирано за во јуни пред вас, земјите членки на ЕУ, нашето досие да биде силно поткрепено со резултати коишто ќе ја покажат нашата решителност, како и одржливоста на реформските процеси што ги спроведуваме. Би сакал да Ве уверам дека кај нас постои целосна свесност за обемот на обврските и задачите кои ги наметнува процесот на пристапување кон ЕУ и дека Владата го вклучи целиот свој капацитет да го олесни носењето на одлуката во Советот во јуни – рече премиерот Заев.
Тој посочи на важноста на позитивната одлука на Советот во ЕУ во јуни, како за Република Северна Македонија така и за целиот регион.
– Сметаме дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион, но и пошироко – дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина на земјата. Ние бараме шанса за којашто искрено веруваме дека ја заслуживме. Бараме оваа година да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ – рече премиерот Заев кој додаде дека нашата земја е свесна дека завршувањето на тие преговори ќе зависи како од напредокот на нашата земја, така и од европските институции.
Во врска со процесот на реформи што тече во државава, премиерот Заев посочи дека законите се носат во инклузивен процес заедно со опозицијата и граѓанското општество, дека се работи сериозно и на имплементацијата на донесените закони за остварување суштински промени и видлива позитивна промена на политичката култура во Република Северна Македонија.
При тоа, како што рече премиерот Заев, Владата се води од врвните европски вредности и стандарди како што се владеењето на правото, независно судство, борба против криминалот и корупцијата, демократизирани и ефикасни разузнавачки служби во функција на граѓаните, професионална и стручна јавна администрација.
И претседателот на Собранието Талат Џафери, заедно со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, денеска оствари средба со претставници на Советот на Европската унија за Западен Балкан, кои вторпат ја посетуваат Република Северна Македонија во рок од шест месеци, со цел да ја утврдат фактичката состојба и да ги подготват заклучоците за Советот на Европската унија во јуни оваа година.