Најважна задача за земјава во моментов е да се европеизира преку темелна општествена промена и фокусирање на нештата што значат, порача денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на средбата со делегација од Брисел од составот на работните групи COWEB (за Западен Балкан) и COELA (за проширување) од Европската унија.
– Само така ќе успееме да ги задржиме идните генерации и да обезбедиме стабилност и просперитет – додаде Димитров.
Работната посета на делегацијата од COWEB/COELA имаше за цел размена на мислења и презентација на тековните достигнувања во делот на реформите поврзани со европската агенда на земјата.
Во контекст на регионот, додаде тој, тоа би значело почеток на еден позитивен натпревар, своевидна „олимпијада на реформи, втемелена на единствената одржлива визија за нашата заедничка иднина – да се реформираме, да понудиме подобар живот за нашите граѓани и да создадеме регион на вредности и мостови, наместо граници“.
– Влогот е голем и заеднички – ние мораме да работиме и испорачуваме аргументи и резултати, а Брисел и земјите членки мораат да не’ оценуваат строго и објективно и соодветно да ги вреднуваат нашите напори – рече шефот на дипломатијата.
Тој истакна дека искрено верува дека Република Северна Македонија годинава претставува приказна на надеж за регионот и за Европа во целина, што треба да биде препознаена и охрабрена од ЕУ.
– Постигнавме историски пробив во односите со нашите соседи преку договорите со Бугарија и Грција, а дома континуирано работиме на спроведување на реформите, подобрување на начинот на владеење и унапредување на општествените процеси. Патот е долг, но правецот кон кој се движиме и вредностите кон кои се стремиме се јасни и недвосмислени. Одлука за почетокот на преговорите ќе го верификува и засили овој тренд – рече шефот на дипломатијата.
Министерот Димитров во своето обраќање пред гостите информираше за тековното спроведување на обврските од Договорот од Преспа, а се осврна и на преземените активности во контекст на што поскоро започнување на пристапните преговори со ЕУ.
Тој ги пренесе генералните очекувања за континуирана поддршка од ЕУ и од сите нејзини земји-членки, во овој значаен период за земјата и нејзините европски аспирации, но и европската иднина на регионот во целина.
На средбата претставниците од земјите-членки на ЕУ дискутираа за реформските процеси и претстојните активности во земјата кои се очекува да бидат преземени до состанокот на Советот на ЕУ во јуни годинава.