Министерството за здравство во континуитет работи на унапредување на условите за третман и лекување на пациентите во јавното здравство и паралелно на унапредување на условите за работа и статусот на сите здравствени работници, одговори Министерството за здравство на денешното соопштение од Синдикатот на Клинички центар, кој се спротивстави на најавата за јавно-приватно партнерство во здравството.
Синдикатот, како и досега, нагласуваат од Министерството, останува наш партнер кој и понатаму ќе биде вклучен во сите процеси за новините во овој систем. Воедно, за секоја етапа од процесот, се информираат и консултираат здравствените работници и со нив се договара модалитетот на промените.
„Воопшто, не станува збор за затворање на универзитетските клиники, туку за унапредување на условите за работа, што е во интерес и за лекарскиот кадар и за пациентите. Сѐ што прави Министерството за здравство е во насока на зајакнување на јавното здравство и негово издигнување на повисок степен.
Концептот на јавно-приватно партнерство сѐ уште е во фаза на разгледување, по што ќе следи изработка на физибилити студија за целиот проект, која или ќе ја оправда или нема да утврди потреба од вакво партнерство. Физибилити студиите ќе бидат изработени веднаш по завршување на изборниот процес, согласно законските процедури. Пациентот треба да има избор каде ќе се лекува и според неговите потреби ќе има можност да избере што е најдобро за него. Нема да правиме отстапки на нашиот пат за да го овозможиме најдоброто за здравствените осигуреници“, наведуваат од МЗ.
Оттаму потсетуваат дека платите на здравствените работници во континуитет се зголемуваат, почнувајќи од септември, минатата година, за 5 проценти им се зголеми основната плата на 19.123 вработени во ЈЗУ. Исто така, во јануари 2019 година имаше дополнително зголемување на платите за лекарите специјалисти и медицинските сестри. Нивна заложба е платите на лекарите-специјалисти да изнесуваат 100 илјади денари до следната година, како што најавија.
„Во однос на барањата за паркинг просторот, во моментов сме во завршна фаза со град Скопје за целосно разрешување на ова прашање. Министерството за здравство изготви анализа, која покажа дека е неопходна изградба на минимум три катни гаражи за што се утврдени предлог-местоположбите, како и финансиски конструкции за изградба. Еден од можните модели за финансирање на изградбата и одржување на паркиралиштата е моделот на јавно приватно партнерство со што би се барал можен инвеститор од приватниот сектор. Студијата е презентирана пред Владата на Република Северна Македонија, меѓутоа поради изборниот процес во нашата држава, донесувањето одлука за прифаќање на физибилити студијата е одложено од административни причини, сѐ до завршувањето на изборниот процес, по којшто постапката ќе продолжи. Министерството за здравство вложува максимални напори за надминување на сообраќајниот метеж во кругот на Клинички центар“, додава МЗ.