Драган Павловиќ Латас денеска соопшти дека поднесува оставка на функцијата Главен и одговорен уредник во ТВ Сител.
„Оставата ја поднесувам со цел – заштита од понатамошни притисоци кон мене како новинар и кон медиумот во кој работам“, објаснува тој во неговото соопштение до медиумите.
На оваа функција во ТВ Сител Латас бил од мај 1997 година до денес.
„За тој период ТВ Сител израсна во водечки медиум во Македонија, препознатлив по својот стил, со свој карактер и школа од која излегоа најголем дел од денес релевантните новинари во државата, каде е создадена семејна атмосфера на соработка исполнета со меѓусебна доверба, заедничка посветеност на работата и професионалните стандарди. За тоа време ТВ Сител изгради свој идентитет забележан и почитуван не само во Македонија, туку и во регионот.
Како новинар со најголема продукција меѓу денешните професионални новинари, со пет награди за новинар на годината и внимание добиено од публиката и јавноста благодарен сум на ТВ Сител за укажаната можност како главен и одговорен уредник да предводам медиум и тим со кој се гордеам.
ТВ Сител е мое животно дело, трага која е неизбршлива и секојдневно видлива.
Продолжувам со својот професионален ангажман во ТВ Сител и понатаму, како новинар и како Извршен продуцент кој има задача да се грижи за создавање и продукција на сопствената програма на ТВ Сител.
На своите соработници, а ги имало преку стотина, за изминатите 22 години на функција одговорен уредник на ТВ Сител им благодарам за секој час поминат со нив, за соработка без ниту еден лош збор и ниту една неостварена заедничка идеја и проект. Очекувам дека така ќе соработуваме и на новите работни задачи и проекти, а дека публиката и јавноста ќе ни ја даде својата поддршка, како и до сега“, се наведува во соопштението од Латас.