Апелација ја намали затворската казна на Јанкулоска од шест на четири години

1278

Апелацискиот суд во Скопје делумно ја потврди затворската казна на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за случајот „Тенк“ и ѝ ја намали од шест на четири години затвор.

– Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Тенк“ , по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетата Г. Ј. од С., делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената пресуда во делот на одлуката за казната и обвинетата ја  осуди на казна затвор во траење од четири години. Апелациониот суд Скопје во останатиот дел првостепената пресуда во целост ја потврди – велат од Апелација.

Со ова пресудата станува правосилна, но Јанкулоска има право да побара одложување на казната додека нејзиното дете не наполни една година, а тоа е до крајот на јуни годинава.

Заедно со Јанкулоска на обвинителка клупа во овој случај седеа и поранешниот премиер, Никола Груевски, и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, но поради ризичната бременост, за неа постапката се раздвои.

Груевски и Поповски веќе се правосилно осудени: експремиерот на две години, а поранешниот функционер во МВР на четири години и шест месеци. Поповски се наоѓа во затвор, а Груевски избега во Будимпешта, Унгарија, каде и побара азил.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...