Законите кои претседателот Ѓорге Иванов ги врати во Собранието и кои вчера повторно беа изгласани, ќе бидат испратени кај шефот на државата, но ако тој повторно не ги потпише, ќе биде закажана нова собраниска седница во рок од 30 дена од нивното носење, најави денеска претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.
За законите, пак, што Иванов ги врати, а е потребно двотретинско мнозинство, седница ќе биде одржана по 6 мај кога се очекува да биде избран новиот претседател.
Џафери рече дека нема формална пречка Собранието да заседава во време на изборна кампања, но досегашната пракса покажала дека седниците се злоупотребуваат во функција на изборната кампања, и затоа нема да закажува седници за време на изборниот процес. Тој смета и дека нема потреба да се брза и има простор и во текот на мај законите да бидат донесени, бидејќи Извештајот за земјава ЕК ќе го објави подоцна поради европските парламентарни избори.