Младите Македонци од Мала Преспа бараат забава и работа во Македонија

На младите во овие македонски села од овој дел на Мала Преспа, многу им е здодевно. Немаат никаква занимација. Забавниот живот тука е речиси нула, вели Јанкула.

586

Младите Македонци ги напуштаат селата од Мала Преспа и бараат забава и работа во Македонија или во поголемите албански градови, вели 22-годишниот Горан Јанкула, кој работи како келнер во ресторан во Долна Горица, во Албанија.

– На младите во овие македонски села од овој дел на Мала Преспа, многу им е здодевно. Немаат никаква занимација. Забавниот живот тука е речиси нула – вели Јанкула.

Работа нема. Тие што работат, рече, одат во Македонија и во градовите низ Албанија.

– Претежно работат во Македонија, некои студираат таму, а некои тука. Јас сум студент во Корча. Студирам математика. Во слободно време, сабота и недела, работам, активен сум, како и другите млади од оваа околина – посочи Јанкула.

Некој работи како келнер, друг како градежник, но се работи и земјоделство.

– Јас сум од Туминец, село кое има околу 700 жители. Сакам да се вработам во Корча штом завршам со факултетот. Не би сакал да останам да живеам во Туминец – објасни Јанкула.

Тој често доаѓа во Македонија. Покрај работата во Долна Горица, кога е слободен, му помага на својот татко во Ресен со земјоделство, а ја посетува и Битола.

За себе ни кажа оти e последна година од магистерски студии и има помала сестра.

Во регионот на Мала Преспа има девет села, меѓу кои и Туминец, Горна Горица, Долна Горица, Шулин, Зрноско, Глобочени и Церје. Жителите се државјани на Албанија, а по националност Македонци.

Велат дека во минатото во овие села имало повеќе народ, ученици, стока. Некои тишината во Долна Горица ја сметаат за уживање и одмор, а други велат дека им недостасува џагор. Терените за фудбал на зелената ливада пред езерцето беа празни. Како да молеа да отиде некој и да ги разбуди од длабок сон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...