Во Европскиот парламент во Стразбур денеска се одржува 16-та средба на Заедничкиот парламентарен комитет Европска Унија-Република Северна Македонија, последен во овој состав на Европскиот парламент, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Заедничкиот парламентарен комитет го претседаваат македонскиот парламентарец Горан Милевски и словенечкиот европарламентарец Алојз Петерле. Во собраниската делегација се наоѓаат уште и пратениците Никола Мицевски, Соња Мираковска, Шпреса Хадри, Мерал Узеири Ферати и Жаклина Лазаревска.
Тие заедно со нивните колеги од Европскиот парламент ќе имаат размена на мислења со претставници на Владата, претставувана од заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и на Европската комисија и Дејвид Кулен, одговорен за македонското досие во ЕК.
Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во рамките на посетата на Европскиот парламент во Стразбур, имаше повеќе средби со евро-пратеници од различни политички групи.
На состаноците со европратениците Едуард Кукан (ЕНП, Словачка) и Иво Вајгл (АЛДЕ, Словенија), кои се известители за нашата држава, со Илхан Кјучук (АЛДЕ, Бугарија), Кати Пири (СД, Холандија) и Виктор Боштинару (СД, Романија), стана збор за динамиката на спроведување на клучните реформските области, за внатрешно-политичките случувања, а се разговарало и за предизвиците со кои се соочува Европската унија во моментов.
– Република Северна Македонија, покрај огромната енергија што ја вложи, како и големиот успех што го постигна во напорите за надминување на отворените политички прашања – Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не отстапи од реформската динамика и не дозволи дефокусирање на земјата од оваа агенда. Пренесов дека проектот за интеграција во ЕУ и НАТО треба да нѐ обедини, битката за правна држава треба да биде натпартиска битка, а законот за СЈО треба да биде консензуално решение кое ќе ја направи нашата држава уште посилна – изјави Жерновски за МИА.
Соговорниците, како што велат од македонската делегација, биле согласни дека Република Северна Македонија, за еден многу краток период, стана пример на држава која продуцира позитивни резултати на планот на внатрешните реформи, земја која потпиша пристапен протокол за членство во НАТО и земја-модел која со решавање на голем историски конфликтни ситуации ги претвори во одржлива заедница на пријателство и доверба.
Македонската делегација добила уверувања од европратениците дека на крајот од денешниот заеднички парламентарен комитет ќе биде усвоена препорака за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ во јуни годинава.