Не знам дали е некаква стратегија во прашање или случаен стек на околности, но се чини ветувачки начинот на кој новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата ја започна својата работа: директно и без многу размислување рипнаа во базенот полн со кочан-студена вода, иако и самите не се сигурни дали знаат добро да пливаат. А и дали има вода во базенот.
И ДКСК, како и обвинителството и судството, од минатата власт беше претворена во институција за криење и овозможување криминал и корупција, секогаш на услуга кога требаше да се оправда однесувањето на власта во доменот на ингеренциите на Комисијата. Колку повисок функционерот, толку повеќе енергија се вложуваше за негување на „слепилото“ на широко отворените очи. Ќе останат запаметени комичните ситуации во кои Комисијата ги криеше податоците за имотот на политичарите, небаре се во првата семејна линија за препишување наследство на дел од тој имот. А потоа мораа да си поднесат оставки, фатени и самите во алчноста на комоцијата никому со години да не мораат да му поднесуваш сметка за своето однесување.
Очекувањата во македонската јавност од новите антикорупционери се големи. Можеби и преголеми. Нешто слично како со СЈО пред три-четири години. „Напатената“ и досега сто пати излажана јавност сака апсења, сега и овде и по можност веднаш, ако се може! Се нема време и нерви за траењето на законските процедури, за собирање и анализа на податоци, за утврдување на точната состојба на фактите, за делување во рамки на законските овластувања… Јавноста сака Елиот Нес да ја извади машинката со буренце и да се распука по мафијата, како во најдобрите холивудски филмови за спроведување на прохибицијата.
Но, токму како со примерот со СЈО, ДКСК има шанса тие големи очекувања во јавноста да ги искористи во своја полза, за да ги притисне надлежните државни органи за соработка и пари (!), за добивање доволно средства за воспоставување на сите функционални надлежности на Комисијата, за комплетирање на кадровскиот состав и за технолошката опременост што ќе обезбеди извршување на сите нејзини проширени надлежности со новите антикорупциски закони. Сега е моментот кога и странците се расположени да помогнат, а тие се неизбежен дел за притисок и поддршка секогаш кога треба нешто со криминалот наш насушен (и непресушен!) да се справуваме.
За среќа на овој состав на ДКСК, стартната основа за споредба на она што ќе го сработат е многу ниска. Што и да направат, ќе биде со голем ефект, бидејќи пред нив одамна никој ништо не работеше. За почеток, комуницираат со медиумите на секој нивен повик, како што и доликува на потребата за комплетна транспарентност. Веднаш изреагираа и со скандалите со случаите со непотизам, влегуваат со следење на евентуалните злоупотреби во изборната кампања, а сега се најавува и проверка на имотот на некои од функционерските ѕвезди во македонското судство. Комисијата не постои ни цели два месеци, а веќе сака да се фати во костец со Јово „Превара“ и неговото „весело друштво“… Годинава пролетва и убавото време изгледа нешто ќе подранат.
Може ли да е случајност што на чело и на ДКСК се наоѓа жена која, се чини, знае како и што треба да се прави, а покажува и амбиција тоа, без многу пардон, да го спроведе во дело?
Извор: Цивил медиа