Препевот на народната песна „Нешто ќе те питам бабо” на бендот Некст Тајм е прегледан од околу 300.000 луѓе за само 24 часа, а тоа е вистински рекорд за македонски видео спот.
Комплименти за сработеното битолчаните, браќата Стефан и Мартин добија и од лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Препевот на оваа стара македонска песна се исполитизира во реакциите на социјалните мрежи – некои тврдат дека „Нешто ќе те питам бабо” е песна и химна во чест на Тодор Александров, а други забележуваат што во последните стихови во оргиналот не се ни споменува Александров, туку дека песната е инспирирана во чест на незнајни македонски комити (момци Македонци). Други, пак, велат дека е испеана за комита од Мариoво. Има и тврдење дека наместо стиховите за Тодор Александров, во оргиналот се пее „Ниту беше Толе Паша ниту дело Кољо, туку беше Гоце Делчев со негова верна дружина“.
Факт е дека има повеќе верзии на оваа македонска песна, па оттаму тие што со „лајк“ го поздравуваат бендот за добро направениот препев, сосема оправдано повикуваат да престане политичката расправа и да „кулираат“ во преубавата песна.