Со двотретинско мнозинство пратениците изгласаа да се формира ново министерство

1212

Собранието на Северна Македонија денеска во рамки на 93-та седница со двотретинско мнозинство ги усвои Законот за Влада и Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што се отвора патот на новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Законот што помина во второ читање, предвидува трансформирање на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Потребата за прераснување на Секретаријатот во министерство, според предлагачите, произлегла од тоа што Рамковниот договор бил веќе надминат, и оти сега ќе се работи на негова имплементација.Сите надлежности на Секретаријатот се пресликани во Министерството, но, додадени се и нови.

Целосно искористување на потенцијалот на практичната работа, како и голем број млади неврботени лица кои немаат практично искуство, одреден период да реализираат практична работа за да станат поконкурентни за полесно да можат да се вклучат на пазарот на труд, треба да овозможи Законот за практикантство што денеска го усвои Собранието во рамки на 93-та седница.

Законот предвидува практикантот за време на практичната работа кај работодавачот да добива месечен надомест од 42 до 74 отсто од минималната нето-плата и тоа за практикантска работа до три месеци, како и месечен надоместок во висина на минималната нето-плата, за практикантска работа над три месеци.

На ваков начин, сметаат како што посочија предлагачите уште во расправата во собраниските комисии,  младите ќе можат практично да стекнат искуство во компаниите, за тоа да бидат платени, а компаниите, пак, да добијат кадар профилиран во согласност со нивните потреби, што ќе помогне во намалување на невработеноста кај овие лица.

Во Македонија оваа сфера првпат се регулира законски, а потребата од регулација на практиканството, според Владата која го предлага овој закон, произлегува од ограничениот опфат на лица преку мерки од оперативните планови.

Законот беше најавен во септември, а на владина седница беше усвоен во декември лани.

Собранието ја донесе Одлуката за давање согласност на Статутот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, Одлуката за давање согласност на Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, законите за услуги, за извршување на санкциите, за тутун, производи од тутун и сродни производи, за изменување и дополнување на Законот за јавен долг,  за изменување и дополнување на Законот за регистрирање готовински плаќања,  за изменување и дополнување на Законот за државните награди.

Собранието го усвои и Законот за извршување санкции, Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги.

Во образложението за измените на Законот за централен регистар на население и Законот за електронско управување и електронски услуги за граѓаните, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека основата за сите податоци за граѓаните ќе се влече од овој регистар, а наскоро ќе стане и функционален и Електронскиот регистар на население.

Претходно, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуровска упати забелешка до спикерот Талат Џафери дека и покрај постојаните реакции на опозициските пратеници повторно поддржува, како што рече, да се носат половина од законите по скратена постапка и да се кријат „зад пластот на европското знаменце“.

– Со месеци настојуваме да ја одгатнеме причината за лошата пракса на СДСМ за која не само што кажа дека нема да ја практикува кога ќе дојде на власт, туку и ја усовршува. Дали немате доволно авторитет да се спротивставите на овие законски решенија да се протнуваат под европското знаменце согласно деловникот јасно и прецизно е објаснето кога се носи закон со еврппско знаменце, го праша Затуроска, спикерот Џафери.

Џафери од своја страна одговори дека тоа не зависи од него, ниту од неговиот авторитет.

– Имам целосен авторитет да управувам со Парламентот. Постапките се утврдени со деловник. Барањата на пратениците и институциите надлежни да предлагаат закони имам обврска да ги ставам на разгледување. Јас не одлучувам, туку мнозинството пратеници, и одговори Џафери на Затуроска.

Таа додаде дека Комисијата за европски прашања не смее да ги разгледува предлог-законите доколку не се во комплетна форма, а Собранието да не ги става на дневен ред нецелосно комплетираните закони.

Расправата по останатите точки од оваа седница ќе продолжи кога ќе се создадат деловнички услови.

Попладнево Собранието треба да ја одржи 94-седница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...