ВМРО-ДПМНЕ бара СЈО да нема привилегиран буџет, а дел од истрагите одново да почнат

928

Дали да пропаднат или не истрагите кои СЈО ги отвори по истекот на рокот од 18 месеци и дали тимот на Катица Јанева да биде посебно обвинителтво со поголема автономија или да се сведе на оддел во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, се двете најврели точки околу кои ќе се кршат копјата во новите обиди за консензус помеѓу власта и опозицијата.

Ова се очекувањата кои остануваат во пресрет на утрешната трета средба на преговарачките тимови која е закажана откако ВМРО-ДПМНЕ испрати 65 амандмани за новиот Предлог-закон за јавно обвинителство.

Амандманите нема да се објават јавно пред да се одржи средбата. Но, како што брифираат партиски извори на Плусинфо, најголемата опозициска партија во амандманите ги пресликала забелешките кои ги даваше и претходно.

За прашањето што да се случи со „бомбите“ опозицијата е децидна дека тоа е решено уште во Пржино. И во Предлог-законот на Министерството за правда стои дека тие ќе бидат доказ само во предметите за кои е покренато обвинение во рок од 18 месеци, односно до 30 јуни 2017. Меѓутоа, драстични се разликите за судбината на предметите отворени по овој рок. И во амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара тие истраги да се прекинат и да служат само како индиции врз основа на кои по допрен глас понатаму обвинителите одново ќе отвораат истраги и ќе собираат докази.

Од друга страна, како што е познато, власта предлага „бомбите“ да не се користат како доказ, туку само како индиции, но истрагите да продолжат со цел да не се изгубат доказите и на тој начин да не се амнестира некој.

Извори од опозицијата брифираат дека во еден од амандманите се бара секој обвинител да има рамноправно право на избор во СЈО, а во друг, пак, да не им се гарантира работното место на обвинителите и на шефот на СЈО откако ќе им истече мандатот.

Меѓутоа, во ситуација кога јавноста нема увид во амандманите останува нејасно на што конкретно инсистира опозицијата, пред сѐ, ако се земе предвид Предлог-законот кој го објави Министерството за правда. Во ова законско решение стои дека за шеф на СЈО може да се избере секој обвинител кој има најмалку 8 години непрекинато работно искуство, а како обвинител во СЈО може да влезе секој со искуство од 5 години.

Кога станува збор, пак, за забелешките да не се гарантира работното место на обвинителите од СЈО, исто така останува нејасно на што се инсистира бидејќи во предлогот од Правда пишува дека шефот на СЈО кој нема да добие нов мандат се распоредува за јавен обвинител во Јавното обвинителство на РСМ, додека останатите обвинители во СЈО по истекот на мандатот се враќаат во обвинителствата од каде што се избрани. За споредба, за шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, според предлог-законот, се предвидува тој да биде распореден во вишо јавно обвинителство, а ако не ги исполнува условите тогаш да се врати во обвинителството од каде бил избран. За останатите обвинители во ова обвинителство, исто како и за тие од СЈО, се предвидува да се вратат таму од каде што биле избрани.

Разлики помеѓу овие две обвинителства во предлогот на власта има во условите за предвремено разрешување на шефовите, па се предлага за да биде разрешен првиот човек на СЈО од страна на Советот за јавни обвинители да има двотретинско мнозинство, додека за шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потребно е просто мнозинство.

Сопка на патот кон консензус, барем според ставовите во амандманите на опозицијата и предлозите на власта, ќе има и за Буџетот. ВМРО-ДПМНЕ бара СЈО да нема посебен буџет, туку да биде рамноправно со другите, односно да користи пари од буџетот со кој располага Републичкото обвинителство. Власта, пак, предлага СЈО да биде посебен буџетски корисник, но и ако има потреба да може да побара уште пари од државниот буџет.

Во однос на рамноправноста, опозицијата со амандманите дава забелешки и предлага во случај на судир на надлежности, републичкиот јавен обвинител да биде тој кој што ќе одлучи кој да го води предметот. Истото го предлага и власта, но во нејзиниот предлог стои и дека републичкиот јавен обвинител не може да му одземе предмет на СЈО без согласност од првиот човек на ова обвинителство. Тоа може да го направи само ако се утврди дека шефот на СЈО го прекршил законот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...