Еден лапсус на Заев

Што ни кажува тој очигледно класичен лапсус на премиерот? Класичен во онаа смисла за која зборува длабинската психолгија на Фројд? Во прв ред дека тој е длабоко убеден оти тоа сепак, вака или онака, го „изменаџирал“ бившиот спикер на парламентот Трајко Вељановски.

4757

Го изгледав „дуелот на деценијата“ меѓу премиерот на владата Зоран Заев и шефот на опозицијата Христијан Мицковски post festum. И тоа само до првиот блок реклами на Канал 5, време кое беше потршено, во најголем дел, на иднината и судбината на СЈО. Тоа го сторив не само затоа да се уверам колку има вистина во анализата на некои видни политички коментатори кои тврдат дека премиерот едноставно го столчил (5 спрема 0) својот политички антагонист, туку и од некои свои, ајде да речем, „ситничави“ побуди.

Не е тешко да се погоди зошто, по потпишвањето на спектакуларниот Преспански договор, премиерот Заев прибегнува кон една нагласена (и со тоа, наметлива!) употреба на новото уставно име Република Северна Македонија. Како што неговиот политички антагонист Мицковски ја избегнува таа формула. Првиот не пропушта можност да ги убеди нашите соседи Грци дека стриктно се држи до тој доогвор. Вториот, како и неговиот грчки аналогон Мицотакис, стрикно држи до својата увереност (во која ни најмалку не верува!) дека е „автохтон“ (израз на Мицковски) чувар на македонизмот. По ист начин по кој Гркот Киријакос верува дека е „автохтон“ чувар на милениумскиот елинизам.

Накусо, мојата прва и главна побуда беше да видам нешто од тој „дуел на деценијата“; да проверам како стои сега работата со нагласената (и нападна) употрбата на новото уставно име која, според мене, лесно се изложува на опасност од „банализација“ (Хана Аренд). Таа „банализација“ доведува до две крајно непожелни последици: а) отпор кон тоа ново име дури и кај оние кои ги разбираат причините зошто (морало!) да дојде до тоа и б) претераната употреба на тоа ново име која „дава пример“ сега се разбира како сервилност; таа не оди рака под рака со некое достоинство, макар било и политичко.

До првиот блок реклами на Канал 5 успеав да избројам околу 12 употреби на новото уставно име од Заев и околу три или четири замени со „нашата земја“, работа која сепак нешто кажува затоа што, во прво време, премиерот главно избегнуваше замени. Додека се занимавав со броењето употреба на новото уставно име, ми упадна во слушното поле еден класичен лапсус на премиерот кој заслужува внимание затоа што зборува јасно за тоа што не сака, од свои добри политички причини, да го каже јасно и гласно, дури и во силен наплив на гнев, како што и самиот рече во дуелот со Мицковски.

Во што се состои тој лапсус? Кога го објаснуваше својот политички став кон соломонското решение на спикерот на парламентот Талат Џафери да не го стави на гласање на пленарна седница (немало предлог од содветната Комисија за одземањето на имунитетот на Трајко Велјановски; според тоа, немало ни за што да гласа Парламентот), премиерот место да рече дека активностите на Парламентот ги „менаџирал“ неговиот спикер Џафери, тој рече (верувам дека сосем добро го чув тоа!) дека тие активности ги „менаџирал“, ни помалку ни повеќе, туку некогашниот прв парламентарец Вељановски. Еден од оние кои, според една изјава на обвинителката Вилма Русковска, спаѓаат во најтеснјиот круг организатори на „крвавиот четврток“ од април 2017.

Што ни кажува тој очигледно класичен лапсус на премиерот? Класичен во онаа смисла за која зборува длабинската психолгија на Фројд? Во прв ред дека тој е длабоко убеден оти тоа сепак, вака или онака, го „изменаџирал“ бившиот спикер на парламентот Трајко Вељановски. Макар било тоа и формално, преку сегашниот спикер Џафери со кого беа во децениска авторитарно-криминална љубов. Додуша и таа љубов умира, ама и остава некои траги.

Добро, ќе се рече и тоа со право: нема емоции! Нема љубов во политиката затоа што сѐ е интерес во неа! Нема јазик кој не го зборува интерсот (егоизам!). Нема улога што не знае и не може да ја одигра. Дури и онаа „верност до гроба,“ во која му се колнеше Тачи на шефот на Тајната полиција Мијалков.

Било да се работи за „траги“ од некогашна децениска љубов меѓу сегашен и бивш спикер, било за семоќниот интерес (егоизам) кој денес си фрла пред себе за да си најде утре зад себе кога, евентуално, ДУИ пак ќе трба да дели власт со ВМРО-ДПМНЕ, интимната мисла на премиерот е многу повеќе во право отколку неговиот легитимен гнев од тоа и за тоа како, Џафери, го „менаџирал“ имунитеот на легендарниот Вељановски. Ама, и во овој случај се покажува: тоа што е „во право“, тоа што е неговата длабока, интимна увереност, сѐ уште не значи дека е – политички пожелно. Особено во околности кога ДУИ на Ахмети може да си „менаџира“ имунитети како што си – сака!

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...