Додека се обвинуваат чиј саат доцни, на државата ѝ отиде возот

ВМРО-ДПМНЕ на Дескоска ѝ испратило 65 амандмани и додека се очекува да биде објавена нивната содржина, шпекулациите се дека тие се концепциски различни од она што го сака власта.

493

Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јавно обвинителство пристигнале до министерката за правда Рената Дескоска. Но, за тоа кога пристигнале и двете страни настапија со свои вистини. Опозицијата вели дека од Правда лажат и оти ги пратиле документите околу 16.20 часот.

Од Министерството, пак, потврдуваат дека ги добиле амандманите, но дека тоа било дури четири часа подоцна, односно после 20 часот. Во преписките, и едната и другата страна извадија „принтскрин“ со што ја докажуваат својата верзија за часот кога биле пратени, односно примени.

На социјалните мрежи со фотографии од театар, синоќа се обрати и Дескоска прашувајќи зошто им е потребна целата драмолетка на ВМРО-ДПМНЕ.

„На вистинско место – на театар, додека надвор се случувала вистинска драмолетка околу амандманите. Денеска ВМРО-ДПМНЕ два пати покажа дека живеат во паралелна реалност: прво тврдеа дека сме прифатиле нешто што никогаш не сме им прифатиле. Вечерва тврдеа дека доставиле во пишана форма амандмани во Министерството, па потоа рекоа дека пратиле на мејл. Ама дознавме и дека не живеат само во паралелна реалност, туку и саатот им доцни – најмалку 4 часа. Но, според постапките изгледаат изгубени и во времето. Само не ми е јасно зошто им требаше целата оваа драмолетка?!“, напиша Дескоска на Фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдеа дека адвокатот Тони Менкиноски, кој ја предводи работната група ѝ ги испратил амандманите на мејл.

– Ја повикуваме Рената Десковска да го отвори сопствениот мејл и да каже дали добила или не порака од претседателот на Комисијата за правни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиноски точно во 16 часот 19 минути и 16 секунди? – повикаа од опозицијата.

Додека едните со другите се прозиваа чиј часовник е точен, временските рокови ја газат иднината на државата бидејќи токму Законот за јавно обвинителство е еден од клучните за добивање датум за преговори со ЕУ. Првичните проекции беа тој да се донесе до крајот на овој месец, односно пред да започне претседателската кампања, но до тоа најверојатно нема да дојде бидејќи консензус сѐ уште нема.

ВМРО-ДПМНЕ на Дескоска ѝ испратило 65 амандмани и додека се очекува да биде објавена нивната содржина, шпекулациите се дека тие се концепциски различни од она што го сака власта. Наместо посебно обвинителство, опозицијата и во амандманите наводно бара тоа да биде само оддел во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а сосема различни им се предлозите и за тоа што да се случува со истрагите и „бомбите“ кои досега се отворени.

Додека се очекува некој од власта официјално да се произнесе за конкретните амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, за очекување е дека ќе има разговори и со останатите пратенички групи. Не се исклучува можноста тие да почат уште денеска ако се има предвид дека се очекува денешниот работен ден Дескоска да го помине во Собранието каде на дневен ред се други закони кои ги врати претседателот Ѓорге Иванов, а на кои предлагач е Министерството за правда.

Во меѓувреме СДСМ го испрати копија од примениот мејл од Менкиноски, според која амандманите стасале кај неа во 20.19 часот.

„Принтскринот“ кој го објавија од СДСМ:

„Принтскринот“ за тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ:

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...