Матичните лекари очекуваат да им биде уважено барањето ординација која има до 800 пациенти да може да работи и без медицинска сестра, а не да биде затворена, за што задутре ќе решава Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување.
– Ако не биде решено како што предлагаме, лекарите од сите градови ќе одржат протестен марш во Скопје – предупредуваат од Здружението на приватни лекари на РМ, откако во јавноста се крена прашина за докторката Виолета Петковска од Виница, која не добила капитација (месечен износ од Фондот за здравство) уште од декември лани, бидејќи со месеци наназад не може да вработи медицинска сестра за да го комплетира тимот.
Оваа ординација, но и другите кои се соочуваат со овој проблем поради недостиг од медицински сестри, може да добијат и клуч на врата.
– Нашите проблеми – на матичните општи лекари, стоматолози, гинеколози, се од поодамна – еве уште во 2010 година, кога Бујар Османи беше ресорен министер. Упативме барање до Владата ординација која има до 800 пациенти, лекарот да може самостојно да работи, зашто е мала капитацијата што ја добива од Фондот. Сега сме 2019 година, 4 министри се сменија, а со секоја промена на кабинетот, одново ги запознаваме дека треба национална стратегија за развој на здравството, дека нашите проблеми се натпартиски, но сѐ уште ништо од тоа, и натаму тонеме во проблеми. Очекуваме конечно позитивно да се реши ова прашање на седницата на Управниот одбор на Фондот за здравство в петок, со што ординација со 800 пациенти ќе може да работи и без медицинска сестра – изјави д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на РМ.
Таа нагласува:
– Ја чекаме одлуката на седницата на УО на ФЗОМ дали задутре ќе реши како што побаравме. Mора да се најде решение, бидејќи затворање на ординацијата затоа што нема медицинска сестра е најлошо решение. Значи, ако не биде изгласана одлуката, имаме поддршка од матичните лекари од сите градови и со членството ќе излеземе на протестен марш од Лекарската комора на Македонија до Министерството за здравство. Ќе го искажеме незадоволството и ќе порачаме дека институциите мора да работат натпартиски. Испаѓа дека некој не сака да вработи сестра, а проверено е – нема невработени сестри на Бирото за вработување – додава д-р Чолакова.
Кога ќе протестираат матичните лекари сѐ уште не се знае, се чека прво што ќе биде решено на седницата в петок.