На упорно инсистирање на водителот Гоце Михајловски лидерот на опозицијата да каже дали неговата патија ќе го почитува Договорот од Преспа, Христијан Мицкоски избегна да одговори на прашањето.
Наместо тоа, тој повтори дека Договорот од Преспа за ВМРО-ДПМНЕ е капитулантски чин и ние се себеодрекуваме и не можеме да го прифатиме тој договор.
Наспроти ова, Зоран Заев потврди дека Преспанскиот договор се постигна на точките кои беа најспорни за двете страни, но кога се прифатија нашиот македонски идентитет и барањата на грчката страна.
– Македонски јазик и Македонци се потврдени во ООН и насекаде во светот. Македонскиот јазик официјално е признаен од целиот свет – нагласи Заев.
При тоа, премиерот го потсети Мицкоски дека регистерската табличка на неговиот автомобил е НМК и дека сестринската партија ЕПП ја регистрирала ВМРО-ДПМНЕ како сестринска партија од Република Северна Македонија.
– Ние не сме Талибанци па сѐ што било пред нас да бришеме и да кинеме. Ќе работиме да се исправи договорот – рече на крајот Мицкоски, но не одговори конкретно дали ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе го поништи Договорот од Преспа.