Премиерот Зоран Заев побара од лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашниот дуел во „Само вистина“ да го осуди насилството на 27 април во Собранието, на што опозицискиот лидер рече дека го осудува крвавиот чертврток, но и драконските казни за обвинетите.
На тоа Заев му забележа на Мицкоски „да не мрчи“ и да го осуди насилството во Собранието.
Мицкоски додаде дека казните од два века се превисоки и ги спореди со помалите казни што ги добиле припадници на ИСИС.
– Припадници на ИСИС беа осудени со помали казни, а овде луѓе кои не учествуваа во насилство беа осудени на високи казни – рече Мицкоски.
Тој го праша Заев дали тој го осудува насилството на осудените лица од Диво насеље кои му упатија закани на Мицкоски, при што Заев рече дека насилството го осудува, но за разлика од него нема да ја коментира пресудата, односно нема „да мрчи“.
– Вие треба јасно да кажете, го осудувам насилството и треба соодветни казни, а не да споменувате повратници на ИСИС. Треба искрено да го осудите, а вие мрчите на пресудата, толкувате пресуди на судот – рече Заев.
Мицкоски на ова реагираше да не се спушта нивото на дебатата.