После Папаалексис (на 2 април) летово господово, библиската зема ќе ја посети (на 7 април), за прв пат, вистинскиот папа Франциско, алијас Хорхе Марио Берголио. Домаќин е нашиот Хорхе, претседател на Република Македонија, Ѓ. Иванов. Логото на посетата е од евангелието по Лука – „Не бој се мало стадо“. Во Скопје папата ќе допатува од Софија, со што ќе се заокржи бројот на државите кои папите ги посетувале во регионот после падот на комунизмот. Се разбира, останува само Србија, во која еден папа нема да киниса сѐ додека во Соборниот храм на Врачар литургија држи рускиот патријарх, а редовен верник е и В. В. Путин.
Од осамостојувањето на Република Македонија, три поглавари на римокатоличката црква се сменија на тронот во Ватикан. Дипломатски односи со Ватикан воспоставивме во 1994 година, за време на папата Јован Павле Втори (1978-2005). Полјакот го наследи Германецот Јозеф Рацингер, односно Бенедикт Шеснаестти, а од 2013 година папа е Аргентинецот. Нашите високо рангирани политичари редовно учествуваа при чествувањето по повод Свети Климент (24 мај), а во последно време, заедно со бугарските врхушки, имаа и заеднички молибден. Во тие прилики беше и незабиколната аудиенција кај папата.
Инаку, нашите политичари, поради строгиот ватикански протокол, тешко би можеле секоја година да се среќаваат со папата, од кои средби нашите секогаш добронамерни известувачи нагласуваа дека папата ќе ја посети Република Макдонија идната година. И конечно таа година дојде. Помогнаа и заедничките молибдени за заедничките солунски браќа конечно политичките односите со Бугарија да се регулираат. Односите меѓу црквите засега остануваат исти, односно БПЦ не стана мајка црква, по барање на МПЦ за да стекне евхаристиско единство.
Дипломатските односи беа воспоставени повеќе поради инерцијата сите поранешни републики да имаат амбасадор при Светата столица, а не врз основа на темелна државно-религиска анализа. Тоа се потврдува и со фактот дека првиот наш нерезидентен амбасадор при Светата столица беше Д. Мирчев, амбасадор во Љубљана, инаку во поранешната ни држава на високи функции и во партиските структури. Да имавме тогаш концепт што претставува Ватикан, не само како центар на католицизмот, туку глобално во светот, ќе испративме резидентен амбасадор водејќи сметка и за останатите квалитети на еден дипломат. Инаку дипломатијата на Ватикан е секако една од најтемелните и најквалитетните. Апостолските нунции во дипломатскиот кор се секогаш добро информирани и добронамерни соговорници, секогаш „вооружени“ со валидни информации. Државниот секретар при Светата столица секогаш е врвен дипломат. Во нашиот случај, во изминатите 25 години, не водевме баш толку сметка кого испраќаме во Ватикан а посебно не со каква платформа за дејствување. Впрочем, такви грешки се направија и со испраќање на наши први амбасадори во САД, Русија, Англија па и во Германија (се чекаше С. Керим да се врати од Париз и местото се чуваше). Но, тоа е долга приказна со неславен епилог.
Папата Франциско во Скопје ќе порани и право оди во резиденцијата на претседателот Ѓ. Иванов. Во истата одаја ќе го прими и премиерот З. Заев. Протоколот (нашиот) треба да биде внимателен, со оглед на карактерот на посетата, да не се повтори бизарниот скандал кога еден наш амбасадор го поканил апостолскиот нунције на прием со сопругата. Ние забораваме дека Папата е апсолутистички монарх и шеф на државата Ватикан. Тој е и државник, а не само верски поглавар на католичките верници. Добри односи со Ватикан се добра база за развој на односите во сфери за кои ние до сега не размислувавме. Ние не треба да испраќаме амбасадор во Ватикан заради верските односи. Ние немаме таков капацитет. Треба да се прави разлика меѓу религиозноста и должноста како државен службеник. Нас Ватикан ни е значаен поради неговото влијание кај големите сили, а и поради неговиот финансиски капацитет. Ватиканската дипломатија ништо не пренабрегнува. Добро е информирана за верските слободи, заправата на малцинствата, но и за економските состојби.
Нашата мисија при Светата столица не треба да биде партиски компромис. Странските дипломатски претставници во Ватикан се врвни дипломати и језуитски едуцирани. Дипломат во Ватикан е престижна државна и професионална функција. Ватикан не реагира веднаш и спонтано на секој надворешно политички настан, па се добива лажен печаток. Прво се чека реакција, притоа се анализира и се појавува со избалансирано соопштение. Зборовите на папата се често израз на божествена милост и често се меша со државничката порака. Таа дипломатска нијанса можат да ја забележат единствено професионалните дипломати.
Посетата на еден папа има посебен карактер. Доаѓа во период кога нашата држава има придавка во името. Папите се и лингвисти. Тие добро ја познаваат улогата на јазикот. На Светата столица прекрстувањето на народите во нашиот регион не им е непознато. Но сепак, папата е слуга на Божјите слуги. Сегашната влада е пред многу предизвици. Внатрешни и надворешни. Папата секогаш го пречекува народ, а не партиски моќници. Посетата не треба да се искористи во започнатата кампања за претседателските избори, која повеќе наликува на кампања за парламентарни избори. Протоколот мора да биде непогрешив и поради ограничената сатница за посетата. Народот секако ќе биде достоиствен.
Последниот наш амбасадор при Светата столица, неодамна приопшти дека кај нас, оние што треба, не можат да ја видат историската димензија на посетата на папата Франциско. Пораката е партиски мотивирана. Несудениот судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како што самиот наведува, при предавањето на акредитивните писма и при прошталната посета побарал од папата да се моли за нас, односно дека верува дека Франциско се моли за нас. Да не беше таа молба на поранешниот амбасадор, не знам дали папата би го допрел тлото на библиската земја. Веројатно и нашиот амбасадор во Бразил, од кого нема никаков абер, влијалел врз Аргентинецот Хорхе Берголио, гостинот кој наскоро ќе ја благослови Република Северна Македонија.