Приходите до илјада евра персонален данок на доход се предлага да се оданочува со 10 отсто, додека за секој приход остварен над границата од илјада евра данокот да биде 18 отсто, е предлог на Министерството за финансии кој денеска го соопшти министерот Драган Тевдовски на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“.
Тевдовски денеска најави дека дебатата за воведување на прогресивно оданочување ќе почне во април како и што било планирано, а примената на новите даночни стапки да почне од 2019 година.
– Ова е првичниот предлог на Министерството за финансии што ќе биде ставен на јавна дебата. Предлогот е преточен и во предлог-законското решение кое ќе биде ставено на ЕНЕР за да можат граѓаните да го видат и да дадат свои предлози, сугестии и мислења – рече Тевдовски.
Министерот посочи дека само два отсто од приходите во земјава се над 1.000 евра.
-Тоа е границата која треба да биде поставена за дополнитена стапка. Таа стапка сигурно нема да удри по средната класа. Луѓето кои имаат доход повисок од овој се приходи кој во голем дел не се од труд, туку од капитал – рече Тевдовски.
Според него, искуство со воведување прогресивен данок или, како што го нарече Тевдовски праведно оданочување, има Албанија која стапките на персонален данок ги зголеми на 13 и 23 отсто, а притоа не ја изгуби конкурентноста.