Епидемија на мали сипаници или морбили е прогласена на подрачјето на општина Струга, изјави денеска на прес-конференција д-р Јованка Сурлакова – Коровешовска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Охрид.
До вчера биле регистрирани 24 заразени од морбили, меѓу кои и шест бебиња и здравствени работници, во Центарот за јавно здравје во Струга. Иако денеска нема нови случаи, како што нагласи д-р Сурлакова – Коровешовска, прогласена е епидемија поради зголемениот број пријавени болни од 18 февруари до 25 март .
– Прогласувањето на епидемијата е апел до родителите да ги вакцинираат своите деца според вакциналниот календар. Најдобра заштита од овие заразни заболувања е вакцинацијата – порача Сурлакова – Коровешовска.
Во случај на епидемија се препорачува зголемена дезинфеција на здравствените установи, училиштата и градинките и проветрување на просториите, забранета посета на болните во болницата и лична заштита на здравствените работници.
Освен шестте бебиња до 12 месеци, кои не подлежат на вакцинација, според календарот за имунизација, останатите болни биле вакцинирани со една или две дози на МРП вакцина.
– Најголем број од заразените се на возраст од 40 до 49 години, меѓу кои има и здравствени работници, што и се очекуваше. Нема деца од училиште и градинка. Сите пациенти се со лесна клиничка слика. Ниту еден, освен бебињата, не е хоспитализиран – изјави епидемиологот Сурлакова – Коровешовска.
Епидемиолозите очекуваат нови заболени во наредите 10 до 12 дена, период кој е потребен за инкубација на вирусот.
– На заболените им се прегледува вакциналниот статус, но и статусот на неговите контакти, кои доколку не се вакцинирани се вакцинираат и на тој начин се заштитуваат. Најважно е секој болен да биде изолиран и на тој начин спречуваме да не се шири заразата, посочи Сурлакова – Коровеповска.
Во општина Дебар регистрирани се 18 заболени од морбили и ако бројот се зголеми до петок, и таму ќе биде прогласена епидемија, а во Охрид има само три регистрирани случаи. Степенот на имунизација против морбили во овие општини е висок. Во Струга и Дебар е 95 проценти, а во Охрид 89 отсто.
Епидемија на морбили досега е прогласена во Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија.