Жалбата на Сашо Мијалков за одредениот притвор во случајот „Титаник 2“ го одложи судењето за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“ на СЈО. Причината е што Апелацискиот суд во Скопје за во 13 часот закажа седница на која ќе се разгледува жалбата, па термините се поклопуваа бидејќи рочиштето за „Таргет-Тврдина“ беше закажано за во 12 часот.
Денеска требаше да продолжи сведочењето на свиркачот од МВР Звонко Костовски кој заедно со Ѓорѓи Лазаревски го открија масовното прислушување во УБК.
Тој на претходното рочиште заврши со одговарање на прашањата на обвинителите од СЈО, а денеска требаше да одговара на прашања од адвокатите и обвинетите.
Следното рочиште судечкиот совет го закажа за 3 април.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ покрај Сашо Мијалков како ексдиректор на УБК, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинет на Мијалков – Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.