Породилното на таткото да не биде условено од породилното на мајката

Сегашното законодавство предвидува до седум дена максимално отсуство за татковците кои добиле бебе.

233

Креирање Закон за работни односи во којшто породилното отсуство што ќе го користи таткото нема да биде условено од користењето на породилното од мајката беше една од темите на денешната Панел дискусија „Споделено родителско отсуство – Зошто е важно, најдобри практики и искуства“ организирана од граѓанската организација „Реактор“.

– Како Влада на која што секое дете ѝ е важно, но и која работи на унапредување на родовата еднаквост сметаме дека воведувањето на споделеното родителско отсуство ќе значи многу за раниот развој на детето којшто е многу важен, но и за присуството на двајцата родители на пазарот на трудот, што во пракса најчесто тоа е таткото – рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Сегашното законодавство предвидува до седум дена максимално отсуство за татковците. Иако отсуството за мајките е преносливо, тоа не може да се подели помеѓу родителите, што значи дека за да можат татковците да го земат отсуството, мајките мора целосно да се откажат од него.

Министерката Царовска најави дека во новото законско решение коешто е во фаза на подготовка ќе бидат земени предвид најдобрите европски пракси и истиот ќе биде изготвен во претходна консултација со сите засегнати страни.

На панел дискусијата говореа и претставникот на УСАИД Едвард Гонзалез, Марија Башевска, претседателка на Реактор – Истражување во акцијa, Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, проф. д-р Орхидеја Шурбановска од Институтот за психологија, Ангел Гина, татко кој има искористено родителско отсуство во Република Северна Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...