Изгаснат пожарот под Пелистер, шушка молика

175

Пожарот кој вчера во попладневните часови го зафати атарот на потпелистерското село Ротино е целосно изгаснат. До доцна во вечерните часови екипите на терен пожртвувано се справуваа со огнената стихија, која, на моменти, поради силниот ветар, се закануваше да ја зафати и моликовата шума на Националниот парк „Пелистер“.

Командирот на ТППЕ Битола, Костадин Поповски, истакна дека во текот на вчерашниот ден, на територијата на Општина Битола биле пријавени осум пожари, што не се случило ниту во најжешките месеци од годината. Според него, само два се евидентирани како пожари предизвикани од запалени стрништа, додека останатите се претпоставува дека се намерно предизвикани. Општина Битола ќе побара од полицијата да преземе соодветни чекори за поголема контрола на терен.

Пожари имало во селата Жабени и Св. Тодори, во околината на селата Драгожани, Беранци, Цапари и Ротино, месноста Дебел рид и во градот кај хотелот „Битола“. На терен, покрај 20-те пожарникари со 5 противпожарни возила, учествуваше и едно противпожарно возило од РЕК Битола, од Општина Ресен, возила на јавните претпријатија со нивни вработени лица, како и вработените во НП „Пелистер“, кои на терен одиграле важна улога во спречувањето пожарот да се прошири кон Националниот парк. Во пожарот нема изгорени индивидуални објекти, а гореше папрат и смрека.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...