Министерството за надворешни работи на Грција денес ќе испрати демарш до Турција, според грчката телевизија Скај, во врска со вчерашниот инцидент со хеликоптерот во кој се превезуваше грчкиот премиер Алексис Ципрас, а беше пресретнат од турски воени авиони, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер во неговото обраќање од островот Агатонис, што се наоѓа во близина на Турција, нагласи дека за време на патувањето турски воени авиони го прекршиле грчкиот воздушен простор и го принудиле хеликоптерот да лета ниско, да направи маневри, се додека не интервенирале грчките воени авиони.
Државната агенција АНА-МПА откри дека два турски Ф-4 без претходно да достават план за летање, влегле во грчкиот воздушен простор, летале на височина од 6.000 стапки, му се приближиле на растојание од четири милји на воениот хеликоптер во кој бил Ципрас и летал на височина од 2.000 стапки со што го принудиле да ја намали височината на летање. Веднаш реагирале грчките воени авиони Ф-16 и ги пресретнале турските.
За инцидентот реагираа од грчката опозициска партија Нова демократија преку надлежниот за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос, кој бара Владата да испрати демарш до Турција. Вели дека не е првпат „турските провокации да се изразуваат врз претставници на власта“, но и дека не е првпат Анкара „провокативно да ги игнорира деновите кога Грците ја слават нивната историја и религија“.
– Силно ја осудуваме оваа неприфатлива турска практика. Се надеваме дека Владата, конечно, сериозно ќе се загрижи за ова однесување на Анкара за да ги напушти површните толкувања и аматерскиот начин на кој го третира. Сметаме дека се подразбира дека Владата веднаш ќе испрати строг демарш до Анкара – вели Кумуцакос.
Како што вчера објави МИА, грчкиот премиер ѝ порача на Турција дека залудно троши бензин и керозин и доколку е потребно со пливање ќе стигне до најоддалеченото место во Грција.
Photo: EPA / FRANCOIS WALSCHAERTS / POOL