Џафери: Ни фали одговорност и многу работа на политичката култура

113

Еден од моите приоритети уште при моето прво обраќање како претседател на Собранието беше и се уште стојам на истиот став, е јакнењето на транспарентноста на Собранието, сфатено во најширока смисла на зборот, рече претседателот на Парламентот Талат Џафери во обраќањето на Конференцијата организирана од МОСТ, на тема „Транспарентноста на Собранието како предуслов за вклученост на граѓаните Добри практики од граѓанските организации во Велика Британија“

– Верувам сите се согласуваме дека без вистинска транспарентност, нема ниту вистински Собрание, ниту вистинска парламентарна демократија. Ако ги погледнеме состојбите кај нас, мислам дека нормативниот дел во кои влегуваат Уставот, Деловникот и Законот за Собрание е добар и дава можности за квалитетна транспарентност. Но, ако сме малку самокритични, ќе признаеме дека имаме инсуфициенција кога станува збор за одговорноста, додека нивото на политичката култура е нешто на што треба да поработиме. Сепак, работите одат напред и тоа во многу позитивна насока. Во овој мандатен период, парламентарното мнозинство успеа да го врати во Собранието, јас би рекол, духот на парламентарната демократија. А верувам дека и опозицијата го прифати овој тренд и дава свој соодветен придонес – рече Џафери.

Тој потсети дека неодамна на транспарентен начин била избрана Антикорупциска комисија. Според него, ова е добар пример кој потврдува дека знаат да работат транспарентно и одговорно, вклучувајќи ги во тие процеси сите значајни општествени субјекти, а со тоа и граѓаните. Во прилог на транспарентноста Џафери ги спомна и јавните расправи.

Според него, кога станува збор за Собранието и јакнењето на парламентаризмот, голема улога има Вестминстер фондацијата за демократија со која соработуваат повеќе од една деценија.

– Република Северна Македонија во изминатиов период направи навистина историски чекори кои ни обезбедуваат остварување на нашите стратешки интереси, а тоа се членството во НАТО и ЕУ. Во однос на процесот на нашето полноправно членство во НАТО, верувам дека сите сте запознаени дека крајот на 2019 или почетокот на 2020 е очекуваното остварување на оваа цел.  Јас лично, верувам дека во јуни ќе добиеме и датум за започнување на преговорите се ЕУ. Во таа насока ја гледам и денешната конференција, која верувам ќе даде свој придонес во јакнењето на транспарентноста а со тоа и на парламентарната демократија. Ви посакувам успешна работа и плодни дискусии – рече претседателот на Собранието.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...