Убаво сѐ ова, слобода, демократија, дијалози, преговори… Малку пазарења, па уште пазарења, па амнестии, па неказнивост, малку владеење на правото, па уште помалку владеење на правото, па избори, повторно судбоносни, повторно „многу важни“, сѐ за светлата евроатлантска иднина на Северна Македонија… Сето тоа, и добро и помалку добро, некако се турка. Важно е дека не се плашиме за голиот опстанок, дека за кратко време ја оставивме изолацијата далеку зад нас…
Но, денеска сакам да ви раскажам за една тревожна информација што за мене е позначајна од сите „големи теми“. Ќе ја започнам со прашањата: „Што јадат нашите деца во градинките? Кој и како ги третира, чува, подучува и воспитува нашите деца додека ние сме на работа? Што се случува и во училиштата и студентските мензи, што во коридорите на универзитетите што Грујо Серекеш ги насади низ целата земја, како печурки по дожд?“
По не знам кој пат, ќе го „злоупотребам“ овој простор и целосно ќе ја занемарам потребата од пишување „велевлажна“ колумна со стилски акробации и мастурбации. Наместо тоа, ќе се обидам овде да го споделам својот револт како граѓанин што ја има среќата да ја ужива довербата на неколку уредници и (простете, уште поважно) јавноста.
Ајде, да одговорам, денеска, само делумно, на првото прашање за исхраната во градинките, поттикнат, но и растревожен од неколку информации што ги добив од различни места од нашава ни сончева Северна Македонија.
Децата во една (не е само една) голема градинка ги хранат со прехранбени продукти со изминат рок! Ги хранат и со виршли кои, дури и да се со добар рок, знаат да бидат проблематична исхрана за дечињата, барем за еден дел од нив. Но, кога се со изминат рок, и виршлите и било кои други продукти се штетни бомби во малите мешиња на децата. Нели, тоа не мора посебно да го објаснувам или да убедувам некого.
Иронијата не запира тука. Откако ќе ги нахранат децата со храна што е на граница на штетноста или баш штетна, често со изминат рок, остануваат количини храна што се „пренаменува“, па завршува во пакетите за исхрана на социјалните случаи. Тоа е вистински дух на претприемништво и економичност! Да се искористи секоја количина храна! Браво! Како некои баби и мајки на времето кога велеа: „Дојади го и ова, да не се фрли!“ Ете како рационалноста, економичноста и ефикасноста можат да се спојат со традициите на нашите сиромашни предци. А притоа, да се наплати од родителите во систем за кој уставно тврдиме дека е бесплатен. Е, па сега, да не бидеме ситничави, не може сѐ да биде толку бесплатно, мора нешто и да се плати, нели?
Мензите се затворен систем. До нив имаат пристап само децата и нивните негувателки. Родителите немаат пристап до нив. Пристап може да си обезбеди само системот, државата, преку инспекции. Можете да погодите, не ми е ни на крај памет, во овој момент, да откривам податоци што би можеле да го загрозат мојот извор. Ќе загрозам нечие работно место, ќе изложам на непотребен притисок луѓе што биле под ист или сличен притисок и порано, од исти или слични причини. Знаеме сите дека неказнивоста е распространета како непобедлив вирус-мутант и дека бизнисите си врват непречено.
Бидејќи не се знае (не откривам), барем во моментов, за која градинка се работи, сакам да верувам дека има една совесна министерка што ќе побара да се спроведе бран инспекции, за да се одговори барем на првото од неколкуте прашања што ги поставив погоре. Колку самите инспекции се совесни и професионални, брзо ќе дознаеме.
Во меѓувреме, отворен сум за уште сведоштва, информации, фотографии и снимки за сѐ што добрите луѓе на оваа земја сметаат дека е неправедно. Не е сѐ во изборите, има нешто и во нашиот сосема обичен живот на обични смртници и нашите деца за кои немаме пари да ги пратиме во приватни градинки и училишта.
На оваа наша голема градинка, наречена Република Северна Македонија, ѝ требаат сериозни инспекции. Нѐ хранат со сѐ и сешто, најмногу со штетна храна со изминат рок. Време е да ја смениме диетата, бидејќи децата веќе решија да ја сменат градинката…