По неуспешниот обид на работните групи на власта и опозицијата да се усогласат за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство, Министерството за правда започна консултации и со помалите политичките партии и пратеничките групи од опозицијата.
Од Министерството за правда велат дека поддршката за Законот за јавното обвинителство е клучна за отворање на преговори за членство во Европската Унија.
Оттаму потсетуваат дека само закон кој ќе овозможи ефикасна борба против криминалот и корупцијата и кој нема да содржи скриена амнестија, ќе може да ги отвори вратите на Европската Унија.
Во Министерството ги очекуваат амандманите од страна на ВМРО-ДПМНЕ за Предлог законот за јавното обвинителство, со цел заедничко носење на законот, кој ќе овозможи практично имплементирање на сите меѓународни принципи за работа на јавното обвинителство.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев не верува дека се пропаднати разговорите за Законот за јавно обвинителство и идниот статус на СЈО со најголемата парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека низ разговори може да се дојде до решение зад кое би застанале сите и дека до крајот на месецов може да се затвори ова прашање.
Заев вчера во Куманово изјави дека ова е еден од најважните закони во правосудството и доколу се направат напори можно е законот да биде донесен до крајот на овој месец пред претседателската кампања.
Прашан кои од условите на опозициската работна група се прифатливи, Заев рече дека за него е прифатливо сѐ што е уставно возможно, тоа што е прифатливо за граѓаните, што е во духот на Венецијанската комисија, во духот на реформите и на стратегијата во правосудството.
Според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи за законот за Специјалното јавно обвинителство треба да се разговара паралелно и со опозицијата и со пратениците и, како што вели, да се обидат да постигнат консензус.
– Паралелно треба да работиме на двата правца – и да се обидеме максимално да постигнеме консензус, бидејќи сепак се работи за област што бара консензус во едно општество – изјави Османи.
Тој испрати порака до сите политички партии да не се откажат од барањето консензус до последен момент, но паралелно, како што посочи, треба да видиме и други начини за комуникација директно со тие што ја носат одлуката, а тоа се пратениците.
БЕСА најави дека ќе го поддржи новиот закон за јавно обвинителство доколку СЈО остане да функционира како независна институција, а не како составен дел од Јавното обвинителство.
Пратеникот од БЕСА, Фалид Зендели рече дека партијата е подготвена да даде поддршка за СЈО да продолжи да работи со полн капацитет, да им се продолжи рокот за иницирање на постапки, а „бомбите“ и натаму да бидат користени како докази во постапките.
Доколку СЈО стане дел од Јавното обвинителство, според БЕСА, ќе се претопи во Јавното обвинителство кое, како што посочуваат оттаму, и досега беше нефункционално. Зендели додаде дека тие како партија ќе бараат гаранција од Владата дека се залагаат за неселективна правда.