Програмата на фестивалот „Танц фест“ ќе започне на 4. април во Македонскиот народен театар со свеченото отворање, на кое ќе биде доделена овогодинешната награда за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“ на извонредниот француски уметник Дидје Дешан.
Вечерта ќе бидат прикажани две короеграфии, првата „Орландина“ – соло танцова претстава посветена на најдобрата современа танчерка во Словенија, Росана Хрибар и Танцовиот театар од Љубљана во кореографија на Рисима Рисимкин.
Потоа следува најновата короеграфија на младата кореографка Адријана Данчевска со Скопје танцовиот театар, под наслов „Д.О.Л:“, на оригинална музика на Александар Гроздановски, со која „Танц фест“ ќе го прослави седмиот роденден како единствена современа танцова компанија во Македонија.
Во рамките на програмата ќе има уште една премиера на Скопје танцовиот театар „Егзистирање“ на 11 април во МКЦ. Премиерите на Скопје тaнцовиот театар ќе бидат прикажани на сцената на Народниот театар во Велес, на 16 и 17 април.
Програмата продолжува со делот посветен на децата, т.е. на 13 април во Македонскиот народен театар во 18 часот, за прв пат во рамките на програмата на „Танц фест“ ќе биде прикажана современа танцова претстава за деца и родители, претставата „Зик Зак Пуф!“ на швајцарската танцова компанија за деца Мафалда од Цирих. Ова ќе биде извонредна можност најмалите да уживаат во танцот, преку претстава наменета исклучиво за нив. Детскиот блок продолжува на 14 април, кога во Домот на култура во Штип ќе се одржи таканареченото „Детско гала“ на кое покрај танцови студија од Македонија, ќе настапат деца од Холандија и за прв пат деца од Кина. Во периодот од 11 до 15 април, овие деца ќе имаат можност да се дружат и да танцуваат заедно во рамките на програмата Отворена програма, поддржана од „Виталија“.
Од 18 до 22 април, во рамките на „Танц фест“, а во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ќе се одржи програмата насловена „Share“ на која ќе учествуваат девет европски академии и танцови универзитети од Австрија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и македонија. Преку сто млади уемтници ќе гостуваат и ќе се дружат во Скопје и Штип, каде на сцената на Домот за култура ќе има три вечери со девет танцови претстави.
Програмата ќе се затвори со гостувањето на француската компанија „Покемон“ и извонредната претстава „Silance… on tourne!“ на 23 април во Mакедонскиот народен театар во 20 часот.