Поставувањето на новото име на фасадата на Владата ќе биде извршено по изборите, изјави денеска генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претставниците на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците.
– Тоа е процедура што налага тендерски постапки и можете да очекувате тоа да се случи по завршување на изборите, согласно тоа дека за време на избори тендерски постапки што не се во годишниот план за јавни набавки не може да се спроведуваат – рече Рашковски.
По стапувањето во сила на Договорот од Преспа, од фасадата на Владата беа отстранети буквите „Влада на Република Македонија“, а на нивно место треба да дојде новиот назив „Влада на Република Северна Македонија“.
Рашковски рече дека е задоволен од примената на Законот за употреба на јазиците и дека досега институциите речиси и да не правеле опструкции.
Најголема помош, според него, ќе треба за новоформираната Агенција за спроведување на законот и првите кадровски решенија ќе бидат од Генералниот секретаријат. Рашковски рече дека месец и половина од донесувањето на законот се потврдило дека тоа не е вовед во промена на државно уредување, туку се унапредиле правата на заедниците. „Законот е на прав пат да го доживее своето светло”, додаде Рашковски.
Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека најголем предизвик во примената на законот ќе биде преведувањето, бидејќи има институции со големи количини превод на дневна основа, се работи за вкупно 1 300 институции, а како пример го посочи преводот на документи во СЕП.
На денешната средба на меѓуресорската група, присусутвуваше и директорот на Агенцијата за јазиците Илбер Села, кој кажа дека донеле одлука и за простории за Агенцијата како и за кадровските прашања.