Кога цветаа тиквите

Доколку, на крајот, сепак излезе дека вистинските инспиратори и организатори на настаните ќе останат непознати за општата и правната јавност – која, патем, ги знае сите по име и презиме и адреса на живеење, до трето колено, сосе хотелот во кој секој ден седат од утро до вечер – тогаш нема да остане ништо друго туку да се заклучи дека Обвинителството (а потоа, логично, и Судот) се дел од заговорот за криењето на вистината за тие насилни и грди кривично-правни дејанија.

3271

Според медиумските извештаи од прес-конференцијата на јавниот обвинител Љубомир Јовески, во јавноста како успешно да е „протната“ тезата дека акционата политичка драма од 27-ми април минатата година започнала со телефонски повик во 14:30 часот со кој е дадена команда за насилен упад во Собранието. Потоа обвинителниот акт во детали ги опишува терористичките активности (за тоа се обвинети) на добро организираните насилници, во неколку групи и со различни вештини и задачи, меѓу кои и ангажманот за самата физичка ликвидација на Заев. Обвинителот тврди дека за сето тоа постојат докази, дека делата се несомнени.

Таман работа! Па, целата операција, како и самиот инкриминиран телефонски повик во 14.30 часот, впрочем, мора да е резултат на подготовка, планирање и инспирација за кои, доколку не се идентификуваат и обвинат ТИЕ конспиратори, џабе била целата истрага на Јавното обвинителство за самите собраниски настани! Или, Обвинителството сака да каже дека Чавков, навистина, е врвот на тој монструозен заговор, единствениот инспиратор, финансиер и организатор на настаните од 27 април?!

Мислам, што е право, Чавков не демонстрираше голема интелигенција со своето досегашно однесување во врска со тие настани, ама ќе излезе натпросечно глупав, особено (а може и дури!) за еден така висок полициски „дужносник“, ако се спогодил со Јавното обвинителство да си молчи и самиот да го плати крајниот цех за тоа што се испи, искрши и натепа на 27 април… Дополнително што од ноќеска повторно е уапсен (со уште 3-4 други обвинети), бидејќи еднаш веќе видовме што се случува со обвинети за тешки кривични дела на кои г. Јово Вангелов лежерно им дава шанса да избегаат пред раката на правдата, ослободувајќи ги од притвор.

Доколку, на крајот, сепак излезе дека вистинските инспиратори и организатори на настаните ќе останат непознати за општата и правната јавност – која, патем, ги знае сите по име и презиме и адреса на живеење, до трето колено, сосе хотелот во кој секој ден седат од утро до вечер – тогаш нема да остане ништо друго туку да се заклучи дека Обвинителството (а потоа, логично, и Судот) се дел од заговорот за криењето на вистината за тие насилни и грди кривично-правни дејанија.

Тоа, само по себе, е помагање во вршење на серија тешки кривични дела. Јас мислам дека за тоа, некој-некому, мора да платил и многу големи пари. А сосема е можно и вака фалично поставеното обвинение за тероризам – без главните конспиратори во него – да падне во судскиот процес и, во текот на судењето, да се „преквалификува“ во разни други полесни и понаивни, афективни однесувања на насилниците „испровоцирани од изборот на Талат Џафери“ итн…

Е, во таа точка започнува една нова, мачна мисла: а да не е тоа, всушност, целата валкана стратегија на Обвинителството на овој г. Јовески? Да не е тоа договорот-заговорот?! Да почне целата работа со драми околу притворите, па дополнителните притвори и големите „терористички“ обвинителски тапани и таламбаси, во таа „гужва пред гол“ да се „превиди“ ЦЕНТРАЛНОТО ПРАШАЊЕ на коешто треба да одговори овој судски процес – КОЈ стои зад обидот за државен удар на 27 април? – за на крајот, за некоја година, после сите жалби, молби и нови судења, кога сеќавањата ќе избледеат, а страста ќе спласне, да се сведе целата афера на условни осуди и казни, плус-минус, рамни на преседените притвори (а за Чавков, добро де, и некоја година повеќе)?

Оти, г. Љубомир Јовески веќе го „проголтавме“ како „транзициона фигура“, „понтонски мост“ од неговиот шеф Марко Зврлевски кон правната држава, но сите знаеме дека нему пензијата ќе му настапи веројатно и пред првите жалби да се поднесат за првостепените пресуди во процесов за „тероризам“… А, потоа, знаете како е: Дееее, па нема следниот шеф-обвинител да се занимава со грешките на својот претходник?! (Како што Јовески, нота бене, не се занимава со Зврлевски!) И нему/нејзе ќе ѝ треба „свеж“ старт, чист мандат за нови правораздавателни работни победи, неоптоварени со грешките на претходниците!

Цинична е оваа анализа на вчерашната прес-конференција на државниот обвинител, особено со оглед на новите притворања од ноќеска. Срамота. Какво време дојде, во сѐ да се сомневаме. А имавме толку убав ракопис како деца. Ама, ете, општеството, во меѓувреме, нѐ расипа…

Цивилмедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...