Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР, како и Горан Ѓошевски од обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Велјановски, добија по 30 дена притвор, потврди Кривичниот суд во Скопје.
Петмината синоќа беа спроведени во затворот Скопје во Шуто Оризари откако во текот на вчерашниот ден Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција покрена обвинение и побара продолжување на мерките притвор и куќен притвор.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против М.Ч., М.П., Д.Л. О.П. и Г.Ѓ, донесе решенија со кои делумно го уважи предлгот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т. 1 од ЗКП“, пишува во соопштението од судот.
Против овие решенија приведените и нивните адвокати имаат право на жалба до Апелациониот суд во рок од 24 часа.