Кандидатите за пополнување на двете места за технички експерти во собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите денеска ќе бидат интервјуирани од петчленото собраниско тело.
Седуммина апликатни се пријавија на јавниот повик, кој беше објавен минатиот месец. Комисијата заседаваше на 13 март со цел да изврши административна проверка на кандидатите, но тогаш им даде рок од седум дена да ги докомплетираат документите што се потребни за поднесување на апликацијата, откако беше констатирано дека тројца од нив немаат доставено комплетна документација.
На интервјуто денеска, како што претходно најави претседателот на Комисијата, Емил Димитриев секој од кандидатите ќе има по 30 минути да се претстави себе си зошто е компетентен да биде ИТ експерт во ова собраниско тело.
По интервјуата, кандидатите ќе бидат испратени до Дикрекцијата за заштита на класифицирани информации и Управата за безбедност и контраразузнавање, каде треба да биде извршена нивната безбедносна проверка.
Со изборот на двајцата ИТ експерти ќе се комплетира процесот на надзор што го врши ова собраниско тело. Изборот ќе биде спроведе по завршувањето на претседателските избори.
Комисијата изминатиот период работи без експерти, а надзорот досега го спроведуваше со петмината нејзини членови. Биле во контрола на ОТА, УБК, Финансинската полиција и Царинската управа, при што надзорот се вршел од правен, легислативен аспект.