Не спорам дека се отвораат нови работни места, како што се фали оној аџамијата портпарол на СДСМ. Југендот не знае дека дури и во периодите на најголемите економски кризи во Македонија, на пазарот на трудот, особено во реалниот сектор на економијата, понудата на работни места секогаш доминирала над побарувачката.
И денес е така. Незгасната жед за нови „вработувања“ има само во државната администрација. Па и таму само кадЕ што се клати врата и се зема плата – а во тие фотелји од телешка кожа се седнува или со силна партиска препорака или со роднински и пријателски врски со добро етаблирани волови во власта.
Не, всушност грешам, денес ситуацијата е пострашна, многу побезизгледна.
Мојот пријател Левески тоа прецизно го нотира: „Во 2018 година, 43.000 жители ја напуштиле државава и трајно се отселиле. Со актуелното темпо на иселување, за пет години Македонија ќе има стапка на невработеност нула, а може да загази и во негатива“.
Знаете ли што значи тоа? Тоа значи дека Македонија губи во супстанца. Дека нема капацитети за проста репродукција. Оваа земја полека, но сигурно умира.
Добро, не умира баш со темпото на погребниците што наумиле да ја „модернизираат“ на тој начин што ќе го исушат цветот на нацијата цврсто притискајќи го меѓу страниците на нивните испрдоци на новиот „елитизам“ и потоа гордо ќе го чуваат во хербариум, што во специјални прилики ќе се покажува како реликвија на „модернизирана“ и така умрена и бесмртна Македонија. Добро бе, Северна…
Ќе шета таа реликвија во чест на победата. Која победа? Шокур знам…некоја победа. Важно ли е? Сега ќе победуваме секои шест месеци и ќе го делиме пленот.
Не со тоа темпо, велам, ама си умира Македонија. Ако не се случи некое чудо, ако луѓето што ја водат земјата итно, во следните неколку месеци, не се разбудат од овој грд сон, ако не успеат реално да ја намалат конфликтноста во општеството и да ги убедат младите дека најважната компонента на „модернизацијата“ на Македонија Норт сепак не е патолошката омраза што ги тера нашите политички елити на постојано меѓусебно истребување, тие, децата, ќе го прекинат тој трагичен перпетум. Не се они будали да нѐ трпат. Не, уште позасилено ќе поитаат кон параходите, каде што веќе одамна нема ни очи насолзени ни усни расплакани да ги испраќаат.
Помисли на ова, другар Стево Пендаровски, сега, пред почетокот на твојата кампања. Ова е твојата најважна тема, кандидату ѓоа натпартиски. Ма не е битна партијата, човече! Ти имаш задача да се одредиш кон таа судбинска тема, тебе (можеби баш тебе) те чека државничка и човечка мисија да ја помириш нацијата и да понудиш платформа за вистинска обнова на ова полураспаднато општество.
Без тоа, знај, твојата победа ќе биде Пирова. Апсолутно безначајна. Без тоа, ти, како иден шеф на оваа држава, нема да бидеш многу повеќе од шеф сале, од дупнат ауспух на твоето претседателско „југо“ што тропа по асфалтот…
Размисли, другар Стево, добро размисли! Обиди се да не нѐ разочараш. Како другите.
ПС. Се надевам, Стево, дека ќе умееш правилно да го процениш значењето на фактот што ти се обраќам тебе, а не на твоите противкандидати, кои ги почитувам. И дека можеби ќе ти текне дека немаш фајде од паланечки филозофи и паламудреци. Јас ти го пренесувам она што секој ден го слушам меѓу обичните луѓе. На кои не им е добро, Стево. Ич не им е добро. И сериозно се мислат дали воопшто да гласаат. Бидејќи пукнат им е филмот…