Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека минатата година повеќе од трикратно е зголемено спречувањето на криучарење мигранти.
– МВР и Јавното обвинителство на Северна Македонија формираа посебна национална единица за спречување на криумчарење мигранти и трговија со луѓе која работи на спречување на илегалната миграција и веќе има резултати. Врз основа на тоа, изминатата година повеќе од трикратно е зголемено спречувањето на криумчарење мигранти, разбивање на тие криумчарски групи – истакна Спасовски кој заедно со вицепремиерот Бујар Османи го посетија граничниот премин Богородица.
Посочи дека бројот на лица кои транзитирале низ државата надминува еден милион, што според него, само по себе ја покажува сериозноста на предизвикот со кој се соочуваме. Нагласи дека како држава имаме зајакнување на капацитетите од материјален и технички аспект со набавка на нова опрема и во тој контекст го посочи завршувањето на преговорите за парафирање на договор со ФРОНТЕКС кој очекува наскоро да биде потпишан.
Вицепремиерот за европски прашања Османи изрази уверување дека како држава ќе продолжиме да бидеме сериозен и искрен партнер на ЕУ.
– Во ситуација кога европскиот проект се повеќе се напаѓа и загрозува, Република Северна Македонија станува школски пример како главните елементи на големата европска идеја се применуваат практично во една држава која сѐ уште е само кандидат за членка на ЕУ и затоа очекувам нашиот сериозен ангажман на сите полиња во изминативе 20 месеци да заврши во јуни со добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ- нагласи Османи.