Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР, како и Горан Ѓошевски од обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Велјановски, во текот на ноќта се вратени во затворот Скопје во Шуто Оризари.
Дека пет лица се спроведени потвруваат и од МВР.
– Постапувајќи по решение на Основниот суд Скопје 1, пет лица во текот на ноќта се пренесени во истражниот затвор Скопје – изјавија кратко од министерството.
Приведувањето следува откако вчера Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција покрена обвинение за насилството од 27 април лани во Собранието.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера најави дека со обвинителниот акт, до Кривичен суд доставиле и барање за продолжување на мерките притвор и куќен притвор за обвинетите.
Во текот на денот се очекуваат информации и за одлуките на судот во врска со останатите обвинети.
Вкупно, за терористичко загрозување на уставниот поредок се товарат 28 лица, а двајца за помагање на истото дело.