Становите ќе поскапат, а за колку ќе одреди пазарот

Растот на цената го диктираат трошоците што ги имаат градежните компании во трите сегменти: градежни материјали, услуги и вработени.

1389

Цената на становите во иднина ќе расте, но висината ќе ја одреди пазарот врз основа на квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент, изјави денска претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори Ивица Јаќимовски.

Тој, на прес-конференција, појасни дека растот на цената го диктираат трошоците што ги имаат градежните компании во трите сегменти: градежни материјали, услуги и вработени. Според Државниот зваод за статистика трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвртиот квартал лани во однос на истиот квартал од 2017 година се повисоки за 5,9 отсто, трошоците за материјали се зголемени за 3,2 отсто, а за вработените за 13 отсто.

– Ако го споредиме сегашниот период во однос на лани, може да зборуваме за поскапување на сите градежни материјали меѓу 10 и 15 отсто. Зголемување на трошоците е резултат на порастот на цената на енергенсите за транспорт, прво за тие материјали што се увезуваат, како и за материјалите кои што се од домашно призводство. Ако во изминатите години, исклучувајќи ги последните две во делот на високоградбата имаше континуитет и стабилност, во сегашните услови на правната неизвесност инвеститорите не се во можност да инвестираат- рече Јаќимовски

Тој очекува во следниот период да се стесни можноста во исто време да се нуди квалитет и ниска цена, бидејќи растот на трошоците го диктира и растот на цената на квалитетните станови.

– Имплементацијата на квалитетни материјали, со примена на најновите трендови за изградба на енергетски ефикасни станови со врвен квалитет, чинат повеќе, но долгорочно значат двојна заштеда. Во чекор со светските достигнувања во градежништвото, неопходно е следење и имплементација на најновите технологии и стандарди во насока на зголемување на конкурентноста и квалитетот на градбата. Сето тоа чини, време, средства и труд. Цената на становите во иднина ќе се движи во нагорна линија и тоа зави исклучиво од квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент- рече тој.

Според него долгорочниот развој на градежништвото значи раст на сите 26 дополнителни стопански гранки поврзани со секторот, како и на севкупната национална економија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...