Гордана Силјановска-Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река претпладнево ги добија бројчињата кои граѓаните ќе ги заокружуваат на денот на изборите.
По игра на случајноста, тие на гласачкото ливче ќе бидат подредени под азбучен ред според првата буква од името. Број 1 извлече претставникот на Река, 2 Силјановска, а 3 Пендаровски.
Прогнозите се дека никој нема да триумфира во првиот круг, па новиот претседател ќе се знае вечерта на 5 мај.
Овие избори ќе бидат шести по ред и во споредба со претходните, на сите други, освен на тие во 1994 година, имало повеќе од тројца кандидати.
Избори Број на кандидати
1994г. 2
1999г. 6
2004г. 4
2009г. 7
2014г. 14
2019г. 3
Во споменатата 94-та, како први избори на кои претседателот го избираа директно граѓаните, во трката учествуваа само двајца: Љубиша Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Киро Глигоров од СДСМ. Ова се и единствените претседателски избори на кои не се одржал втор круг, туку само прегласување на одредени избирачки места.
Глигоров победи, а за негов наследник пет години подоцна се бореа шестмина кандидати: Борис Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ, Тито Петковски од СДСМ, Стојан Андов од ЛДП, Васил Тупурковски од Демократска алтернатива, Муарем Неџипи од ДПА и Мухамед Халили од ПДП.
Трајковски и Петковски влегоа во втор круг кој се гласаше два пати, на 14 ноември и 5 декември.
По трагичната смрт на Трајковски, во 2004 на патот кон вилата на Водно тргнаа четворица: Бранко Црвенковски од СДСМ, Сашко Кев од ВМРО-ДПМНЕ, Гзим Острени од ДУИ и Зуди Џелили од ДПА.
Тогаш Црвенковски по одржувањето на вториот круг, стана нов претседател на државата, а амбиции имаше само за еден мандат. Во 2009-та неговата партијата го кандидираше Љубомир Фрчковски на кого најголем ривал му беше актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој победи по гласањето во вториот круг.
Овие избори засега се запишани во изборната историја со најмногу кандидати – дури седумина.
Покрај споменатите двајца, во првиот круг на гласачкото ливче се најдоа и имињата на Нано Ружин од ЛДП, Имер Селмани од Нова демократија, Мурише Хоџа од ДПА, Љубе Бошковски како независен и Арон Буџаку од ДУИ.
По истекот на мандатот, во 2014 година Иванов не го напушти Водно туку бараше нов и повторно победи. Противкандидат му беше актуелниот кандидат Пендаровски. Со нив во првиот круг се бореа и Иљаз Хамили од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ.
Вториот мандат на Иванов истекува на 12 мај годинава.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV