Брегзит одложен, ЕУ му даде два рока на Лондон

258

По седум часа преговори, земјите членки на ЕУ го прифатија барањето на Обединетото Кралство за одлагање на Брегзит и на Британците им даде две опции до крајот на мај, јави дописничката на МИА од Брисел.

Земјите членки на ЕУ синоќа одлучија 12 април или 22 мај да е датумот за Брегзит.

– Направивме сѐ што можевме, не можеме ништо повеќе да направиме, се надеваме дека договорот ќе биде одобрен од страна на британскиот Парламент – изјави претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, на прес-конференцијата по завршувањето на првиот ден од Самитот на ЕУ.

Британците бараа одлагање до 30 јуни, но оваа опција не беше прифатлива за земјите членки на ЕУ поради претстојните избори за Европскиот Парламент.

Конкретно, ЕУ даде рок до 22 мај, денот пред почетокот на европските избори, британскиот Парламент да го прифати или не, договорот за излегување од ЕУ. Но, доколку британската влада до 12 април сѐ уште не успее да извојува ратификација на договорот за Брегзит во Вестминстер, тогаш ќе треба или да побара долго одлагање, до крајот на оваа година и да учествува на изборите, или да ги сноси последиците од напуштање на ЕУ без договор пред изборите, со сите ризици поврзани за ова сценарио.  Изборите се одржуваат до 23 до 26 мај во сите земји членки.

Во случај Лондон да се одлучи да бара одлагање до крајот на годината, ќе треба да поднесе „оправдано“ барање до европските партнери, односно да организира нови избори или нов референдум, со што ќе може да ги увери земјите членки на ЕУ дека одлагањето нема да значи продолжување на ќор-сокакот во кој се наоѓаат двете страни веќе две години.

– Парламентот мора да ги почитува резултатите од референдумот, мислам дека е подобро за Обединетото Кралство да можеме тоа да го сториме во рамките на договор на уреден начин – изјави британската премиерка Тереза Меј.

Дванаесети април беше избран како датум поради тоа што Европскиот Парламент се распушта шест дена подоцна, и до тогаш ЕУ треба да знае дали Британците ќе учествуваат на изборите.

– Доколку не се донесе одлука до 12 април, долго одлагање нема повеќе да биде возможно – предупреди синоќа претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.

Со ова, ЕУ им дава уште две недели на Британците да изнајдат решение за иднината на Брегзит, откако Парламентот два пати го отфрли компромисот склучен помеѓу Меј и другите 27 земји членки на Унијата.

– Не смееме да паднеме во стапицата да бидеме тие со лошата улога, ниту пак да бидеме тие кои одлучуваат за Британците – истакна францускиот претседател Емануел Макрон, кој побара сега Британците да дадат јасен одговор што сакаат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...