Претставниците на 11 приватни високообразовни институции во земјава формираа тело за меѓусебна соработка и потпишаа заедничка спогодба.
Во просториите на Меѓународниот универзитет „Визион“ во Гостивар, денеска се одржа конститутивната седница на Конференција на приватни високообразовни установи на Република Северна Македонија.
– Ова тело ќе работи на развивање на меѓусебна соработка во областа на високообразовната и научно-истражувачката работа, а во согласност со заедничките цели и интереси на спогодбените страни. Претставниците ја потпишаа и спогодба за заедничка соработка согласно член 91 од Законот за високото образование, беше наведено по седницата
Спогодбата ја потпишаа осум универзитети и три високи стручни школи, односно вкупно 11 приватни високообразовни установи.
За претседател беше избран проф.д-р Томе Неновски од Универзитетот Американ Колеџ Скопје, а за заменик-претседател проф.д-р. Ленче Петреска ректорка на Меѓународниот славјански универзитет. Учесниците на конститутивната седница го усвоија и Деловникот за работа.
Оваа иницијатива на високообразовните институции, се посочува, има најширок карактер досега и се очекува да придонесе за развојот на јавните политики во сферата на високото образование во земјата и пошироко.