Временските услови кои се значително погодни за појава на пожари на отворен простор, на земјоделски површини и во шумските предели, покрај огромната штетата кај земјоделските култури и добитокот претставуваат и сериозна опасност по човечкиот живот, нагласуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, апелирајќи до сите лица кои извршуваат активности во земјоделството и шумите за крајно внимателно и одговорно однесување.
Од Министерството посочија дека само овој месец ЈП „Национални шуми“ евидентирало 70 пожари со опожарена површина од околу 1,600 хектари.
– Ваквата појава, пред се, се должи на палење стрништа и земјоделски површини, што поради временски услови кои се погодни за пожари брзо ги зафаќаат и шумските површини. Покрај стрништата пожарите гореа и борова шума, овошни насади, багрем, нискостеблеста деградирана шума во приватна и државна сопственост, наведуваат од МЗШВ.
Потсетуваат дека палењето пожари е забрането и потенцирајќи дека таквото дело е казниво по закон.