Во скоро време полскиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за прием на нашата држава во НАТО, рече премиерот Зоран Заев по средбата со Ришард Терлечки, заменик претседател на Парламентот на Република Полска.
Констатирано е дека Република Северна Македонија е подготвена да направи напредок и во европските интеграции и дека е потребно да продолжат политиките на проширување на Европската унија.
– Наша аспирација е на Самитот во јуни, во ЕУ, по 14-годишен кандидатски статус да добиеме датум на почеток на преговорите со ЕУ. Се надеваме дека континуираната поддршка на нашата земја, од нашиот голем пријател, Република Полска, ќе се потврди и во јуни, а ние работиме на аргументите да ја заслужиме таа поддршка – рече Заев.
Тој посочи дека Република Северна Македонија важи за позитивен пример, како низ дијалог се решаваат важни прашања со соседите, низ градење пријателство и заедничка иднина.
-Пред избори сме за петиот претседател на државата и веруваме дека со свесност и одговорност од сите, ќе покажеме дека оваа земја има сериозни демократски капацитет – рече Заев.