Европска кампања ќе водат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на претстојните претседателски избори, најави денеска потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, откако во ДИК и официјално ја поднесе кандидатурата на нивната кандидатка за иден шеф на државата Гордана Силјановска Давкова со поддршка од 17.000 граѓани.
– Денеска е убав ден за сите граѓани на Република Македонија, бидејќи имаме одличен кандидат, кандидат што ќе го прифатат мнозинството граѓани и ќе се обединиме кон една голема победа за Република Македонија – рече Мисајловски.
Кандидатурата на Силјановска Давкова е поднесена од подносителот ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски одговарајќи на новинарско прашање дали е поднесена под името Република Македонија или Република Северна Македонија.
– Реалноста е дека оваа влада го смени името на Република Македонија, реалноста е дека ги изменија сите македонски термини, реалноста е дека оваа влада колку и да зборуваше дека го заштитува сето она што е македонско, тоа не се случува – рече Мисајловски и додаде дека неговата партија ќе проба на секој начин да го врати идентитетот.
Наскоро ќе се презентира програмата на нивната кандидатка.
На прашањето како членовите на ВМРО-ДПМНЕ гласале вчера во Брисел во врска со суспензијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Мисајловски одговори оти најдобро е да се причека делегацијата да се врати и детално да одговори точно за што се гласало.