Седумте екстрадирани борци на ИСИС кои се македонски државјани, денеска добија затворски казни од шест и девет години, на рочиштето за изрекување пресуда кое се одржа денеска во Кривичниот суд во Скопје.
Шестмина од нив се осудени на по шест години, а еден на девет.
Сите се обвинети за учество во странска војска, а едниот дополнително се терети и за делото терористичка организација.
За потсетување, тие беа вратени во претходното лето во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили. Тие беа уапсени и предадени на македонските органи.
По спроведена истрага, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во декември минатата година поднесе обвинение против седумината, а во обвинителниот акт беше наведено дека тие со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак. Обвинетиот кој се терети за две кривични дела бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“.
Освен учество во паравоените формации, тие собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица.