Општина Центар е разочарана од веста дека вчера Уставниот суд донесе времена мерка до конечна одлука за целосно укинување на мораториумот за градба во Општина Центар.
– Мораториумот е во интерес на граѓаните и тие силно го поддржуваат. Реакциите на граѓаните не стивнуваат и тие се револтирани од одлуката на Уставниот суд. Речиси година и половина, интензивно работиме на измени на ДУП-овите за да ставиме крај на хаосот и прекумерното градење и веќе постигнавме резултати. Со двата ДУП-а за „Мирче Мацан“ и „Ново Маало1“, резултатите од мораториумот се јасни и видливи. Тие во целост одговораат на потребите на граѓаните. Од државно земјиште избришавме објекти, згради и хотел, со огромни габарити, а на нивно место уцртавме паркови и детски игралишта – вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Општина Центар во координација со својот правен тим ги разгледува сите опции за одбрана на мораториумот, за кој оттаму велат дека се покажал како добра мерка за справување со урбаниот хаос и обезбедување подобри и похумани услови за живот на граѓаните.
– Ние не се откажуваме од мораториумот и ќе ги искористиме сите правни можности за да донесеме нови и подобри урбанистички планови. Во моментов со правниот тим ги разгледуваме опциите и многу брзо ќе излеземе со информација во јавноста. Апелирам до Уставниот суд, во 30-те дена, колку што ќе трае времената мерка, да ја преиспита својата одлука и да ги земе предвид ревидираните и усвоените ДУП-ови и придобивките од нив за граѓаните. Воедно, апелирам до Градежната комора, при Стопанската комора на РМ, која заедно со Комората на Северо-Западна Македонија се јавуваат како подносители на иницијативата за преиспитување на уставноста и законитоста на мораториумот, да ја повлечат иницијативата до Уставниот суд и да дозволат да спроведеме измени кои ќе бидат во корист на сите, и на градежниците, но и на граѓаните – апелира Богдановиќ.
Советот на Општина Центар, на 14 март ги усвои првите два Детални урбанистички план по мораторимот, ДУП Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан“ и ДУП Градска четврт И02, „Ново Маало 1“. Според Општината, овие планови, освен што се целосно усогласени со Генералниот урбанистички план на Скопје 2012-2020, дополнително имаат и низа придобивки за жителите. И двата ДУП-а се и комплетно услогласени со стандардите и условите за хумано домување.
– Ние сѐ уште сметаме дека ваквото планирање е единствениот начин за обезбедување квалитени услови за живот и урбан развој во градот и за таа цел, остануваме на ставот дека Општината ќе ги искористи сите правни механизми да продолжи со ревидирање на плановите – истакна Богдановиќ.