Антикорупциска гони правник вработен на местото на повредената трудница кај Ласкарци

1251

Повредената трудница во трагедијата кај Ласкарци пред несреќата работела како правник во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, институцијата за која Антикорупциската комисија вчера отвори предмет за нови вработувања во АВМУ, поради сомнежи дека двајца правници добиле работа откако беа распишани претседателските избори.

Повредената правничка во сообраќајката на патот Тетово-Гостивар во првите денови по несреќата беше префрлена на одделот за патолошка бременост на Клиниката за гинекологија и акушерство на опоравување, поради што во Агенцијата биле принудени да вработат друг правник во пресрет на претседателските избори.

Правниците за време на избори се задолжени за поведување прекршочни постапки, а со оглед на тоа што АВМУ е должна да го следи изборното медиумско претставување од денот на распишување до завршувањето на изборите на голем број радиодифузери неопходно било да се ангажираат тројца правници. На крајот паднала одлука привремено да се ангажираат двајца зашто биле направени проценки според кои не се очекуваат поголеми нарушувања во текот на кампањата и за време на изборите. Правниците ќе работат до крајот на претседателските избори, а нив нема да ги плаќа Агенцијата, туку тие се на товар на буџетот предвиден за спроведување на изборите. Владата на Агенцијата и одобри 5.250.000 денари за следење на изборите.

Освен овој факт, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги објаснуваат дека вработувањата што ги спорат антикорупционерите не противречат на Изборниот законик, кој предвидува постапки за вработување, во случај на итни и неодложни работи. Од АВМУ дури велат дека, откако беа распишани претседателските избори на 8 февруари, биле ангажирани седум соработници за мониторинг на програмите. Кога на 1 април ќе почне кампањата, дополнително ќе бидат ангажирани уште 15-тина соработници.

На нашата забелешка, дека одржувањето на претседателските избори, не може да се смета за итна работа и дека правниците можеле да бидат ангажирани и пред да се распишат изборите, директорот Зоран Трајчевски објаснува дека тоа било направено од економски причини, како и дека станува збор за ангажман на правници преку Агенција за привремени вработувања избрана на тендер, а не за постојани вработувања. Со оглед на бројот на радиодифузери, објаснува директорот, Агенцијата нема ни приближно доволно човечки ресурси за спроведување на надлежностите и обврските предвидени со Изборниот законик.

Во АВМУ потсетуваат дека со години наназад за време на изборни циклуси ангажираат надворешни соработници за мониторинг на програмите и дека никогаш претходно не било спорно тоа. Дури и потсетуваат на мислење добиено од претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата дека нема законска пречка да ангажираат надворешни соработници во текот на изборен процес.

За време на локалните избори 2017 биле ангажирани 24 лица, од кои тројца правници.

– Соработниците се ангажираат преку Агенција за привремени вработувања, врз основа на утврдените потреби и барања од секторите во Агенцијата чија работа е поврзана со изборните процеси. Работниот ангажман на овие соработници е со ограничено времетраење, односно до завршување на активностите на Агенцијата поврзани со изборите – вели Трајчевски за Пусинфо.

Агенцијата најави дека на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ѝ ја достави потребната документација врз основа на која ќе можат да утврдат дека не станува збор за незаконски вработувања среде изборен процес.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...