Вакво нешто досега не сум помислил дека може да се случи. Не ме интересира, јас не продавам книги, а за сѐ друго со Љубомир Фрчкоски ќе се разбереме на суд. Ова е реакцијата од Стојан Андов, дадена за Плусинфо, по решението на Основниот суд Скопје 2 за привремена мерка со која се забрани продажба и располагање на книгата на Андов со наслов „До атентатот и по него“ во која тој имплицира вмешаност во атентатот на Глигоров на Фрчкоски (па и Црвенковски) донесена поради повреда на личните права на тужителот Љубомир Фрчкоски.
– Немам поим што значи ова. Јас не продавам книги, издавач е „Матица македонска“. Како може на нетужен субјект да му изречат забрана? – вели Андов.
Тој одби да коментира за наводите дека неговата книга содржи клеветничка содржина и дека со тоа е повредена честа и угледот на Фрчкоски.
– Тоа е судска работа. Не сакам преку медиуми да зборувам за тоа, судот ќе реши – ни изјави Андов.