Дали „Матка“ ќе го сопне Пендаровски во Сарај?

1592

Нелегално подигнатата платформа во кањонот Матка за која сите институции се прогласија за ненадлежни е најновиот камен на сопнување помеѓу владините партнери СДСМ и ДУИ. Има и политика во дивата платформа, како и подземни политички игри помеѓу ДУИ и СДСМ во пресрет на претседателските избори, брифираат за Плусинфо извори од партијата на Али Ахмети.

„Матка“ стана полигон за покажување мускули помеѓу скопскиот градоначалник Петре Шилегов и сарајскиот градоначалник Блерим Беџети, а во заднина е „минирање“ на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, но и новото претпријатие кое ќе треба да се грижи за кањонот Матка.

Наводно, не случајно пред изборите се кренало врева за платформата, иако на Матка има две други платформи кои се изградени пред десетина години и за кои досега никој не ја бранувал јавноста.

Извори од ДУИ брифираат дека СДСМ ја актуелизира нелегалната платформа, за да го притисне Беџети да ја урне. Неофицијално, платформата ја гради човек од Грчец, близок на градоначалникот. Според ДУИ, ако Беџети ја урне платформата тогаш како ќе бара гласачите на Сарај да гласаат за Пендаровски. Наводно, целта на дел од скопското лоби на СДСМ, која била против Пендаровски да биде претседателски кандидат, е да ја осуети поддршката на албанскиот електорат од Сарај за заедничкиот претседателски кандидат.

Ова би ја преполовило поддршката за Пендаровски, а револтираните гласачи наводно веќе најавувале дека ќе гласаат за противкандидатот Гордана Силјановска Давкова. На тој начин, ДУИ, односно Беџети ќе биде етикетиран дека потфрлил во обезбедување поддршка за Пендаровски, односно дека одработил за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ потенцираат дека Шилегов им испратил инспекции за случајот да добие публицитет во јавноста.

Од СДСМ брифираат дека ваквите тврдења на ДУИ се надвор од здравиот разум. Од таму демантираат било какви игри против Пендаровски. Според нив, „Матка“ станала случај пред три месеци, а не сега пред избори, го актуелизирала јавноста, а не СДСМ и Шилегов и тогаш воопшто не се знаело дека Пендаровски ќе биде официјален кандидат за претседател. Од СДСМ велат дека можеби ДУИ со ова си прави алиби ако нивните гласачи потфрлат за Пендаровски во корист на Силјановска.

Од таму порачуваат политиката да не се меша во случајот „Матка“ дека станува збор за класична дивоградба за која Беџети треба да реагира, бидејќи Градот во тој дел нема ингеренции и дека градоначалникот не може да се однесува како шериф на Сарај.

Беџети ни изјави дека за овој случај ќе постапи според законските прописи. Тој ќе почека да види дали ќе биде одобрена легализација на платформите.

– И да биде одбиена легализацијата на платформите, нема да рушам сѐ додека случајот не добие судска разрешница – вели Беџети.

Од друга страна пак, битката помеѓу Шилегов и Беџети е за новото претпријатие кое ќе треба да се грижи за кањонот Матка. Неофицијално, Шилегов му порачал на Беџети да ја урне платформата а во спротивно Градот без Сарај ќе го формира претпријатието. На ова Беџети, наводно, му порачал „Само нека проба“.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...