Од аспект на европските интеграции Германија отсекогаш сме ја сметале за наш стратешки партнер, во чии иницијативи ги наоѓаме мотивацијата и перспективите за нашиот успех, изјави вицепремиерот Бујар Османи по средба со претставниците од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Кристијан Хелбах и Томас Осовски кои се во работна посета на земјава.
– Во периодот кој ни претстои неопходна ни е поддршка од страна на сите наши пријатели внатре во Унијата за да ја прошириме европската приказна на Балканот, и да го отстраниме европскиот скептицизам преку конфирмација на одлуката за отпочнување на преговорите со Република Северна Македонија на јунските самити на Европската Унија- истакна Османи.
Вицепремиерот се осврнал на динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, при што посочил на континуитет на реформскиот процес преку конкретен напредок во клучните реформски области – правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои ќе претставуваат основа за овогодинешниот извештај на Европската Комисија, а воедно изрази и уверување дека истиот по квалитет ќе го замени минатогодишниот.