Ама ние не сакаме да излеземе! Зошто нѐ влечете со вас? Вие одете ако сакате, ние ќе си останеме тука каде што сме и ќе се дружиме и ќе соработуваме со оние со кои бевме и до сега, не, не, викаат на цел глас парламентарците од Шкотска. И 48 проценти кои што гласаа за останување. И околу 80% од младите. Истовремено лидерот на опозицијата Џереми Корбин прогласува целосна национална криза, сега на речиси една недела пред 29ти март, денот кога Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска треба да излезе од Европската унија. Премиерката Тереза Меј и натаму очајнички се обидува да ги убеди пратениците да го прифатат нејзиниот Брегзит и се појави во живо на телевизија да им каже на луѓето дека е „на нивна страна“ и дека нема да дозволи земјата да излезе без договор и да се случи најлошото. Колку пак ѝ веруваат Британците се покажа по тоа што забрзано се снабдуваат со производи кои може да станат дефицитарни, пред сѐ, со странски лекови за „не дај боже“.
Замолница
Збунети? Не се грижете, не сте сами. Можете да замислите како им е на луѓето тука, на земјите членки на Европската унија кои никако да сфатат што сакаат овие преку Ла Манш, а посебно на оние кои со европски пасоши дојдоа да живеат и работат во Обединетото Кралство пред години и сега не знаат што ќе (им) се случи. А богами и мене, зашто оваа земја ми е втора татковина, па не ми е ниту лесно, а уште помалку сеедно. Збунети и загрижени.
Покрај веќе видените гласања, прегласувања, дискусии, обвинувања и противобвинувања, сега дојде и нов момент- писмо. Од Тереза до Доналд. И почнува како што е редот со, „Драг Доналд, (Туск, не Трамп) политиката на владата на Обединетото Кралство останува да се напушти ЕУ на уреден начин врз база на договорот за повлекување и политичката декларација договорена во ноември, дополнета со политичката декларација што ја договорив со претседателот Јункер на 11. март. Се сеќавате, потсетува Тереза, дека долниот дом на парламентот го одби договорот по втор пар на 12. март, па ги предупредив на последиците дека ако не го усвојат, тие ќе бидат непредвидливи… и потоа му опишува на Доналд што сѐ се случило и што сѐ направило и дека парламентот одбил втор референдум.
Писмото личи како жалба на родител од однесувањето на непослушните деца. Меј вели дека и покрај тоа што спикерот Џон Беркоу оценил оти пратениците не може по трет пат да гласаат за ист договор, повикувајќи се на закон од 1600 и некоја, таа планира да предложи нов договор за излегување. Малку дополнет и нешто изменет. И вели, би била благодарна ако Европскиот Совет ги одобри дополнителните документи кои ги договорила со Јункер, и ветува ново гласање па бара продолжување до 30 јуни 2019. Потпишано со, како и секогаш ваша, Тереза Меј.
Доналд одговори експресно. Без многу објаснувања и детали. Може, ако пратениците гласаат „за“. Ама треба и другите да се согласат.
Да се одмориме?
Британските туристички агенции датумот 30. јуни го дочекаа „на волеј“. Со совети, се разбира. Лежите вие така на плажа, им велат на патниците, некаде во Бенидорм, на Коста дел Сол, на Закинтос со пивце во едната и фиш енд чипс (похувана риба и пржени компирчиња, традиционална храна на Англичаните, каде и да се) во другата рака и се „чварите“ на пладневното сонце (традиционално така се сончаат Англичаните – на најјакото сонце, па веднаш се познаваат дека се црвено розови со излупени носеви), кога одеднаш 30. јуни, Брегзит, нема (или има договор) а вие се наоѓате надвор од ЕУ. Сами. Без европското друштво. Што е со европското здравствено осигурување? Што ако ви се слоши? Ќе треба да платите од свој џеб? Што ако имате проблеми со автомобилот – ќе важи ли осигурувањето и имате ли зелен картон? Имате бел? Ха, не важи, ако пишува дека важи во, на пример, Северна Македонија, кажете му го тоа на полицаецот таму, зелен треба да е, зелен! Еден авион на Рајан ер со 168 (главно британски) патници, велат, ќе минува на пасошко царинска контрола за пет часа, нема „ви ар бритиш“ (ние сме Британци) па на излез за оние од ЕУ, нема, баравте, ете ви… И тоа не е сѐ. Тоа ни оддалеку не е сѐ.
И за крај, морам да го цитирам весникот „Гардијан“. Морам. Не дека ми е омилен (а омилен ми е) туку дека ова го одразува Брегзитот и моето размислување. Обично не пцујам, а кога сум лута и нервозна главно користам „да му се сневиди“ што во случајот е слабо, а ова подолу пак е таман и го одразува…
Оди вака:
Прашајте било која земја што ќе прави за девет дена и одговорите ќе бидат нешто како ова:
Германија? „Бизнис како и секогаш“.
Белгија? „Истото, само со вафли“.
Австралија? „Тепаат пајаци, по обичај“.
Обединетото Кралство? „Немаат е…н поим“.